
„СпејсЕКС“ планира кон крајот на овој месец да ја одреди цената на својата долгоочекувана првична јавна понуда (ИПО / IPO) на вредност од 1,75 билиони долари, односно 135 долари по акција, пренесоа во средата бројни медиуми. Тоа би го направило Илон Маск првата личност во светот чиј имот вреди еден билион долари, според проценките на „Форбс“, во споредба со 825-те милијарди долари колку што вредеше во средата во 14 часот по источноамериканско време.
Маск поседува 4,8 милиони акции на „СпејсЕКС“ (или 42% од обичните акции на компанијата), плус 350 милиони опции на акции со извршна цена од 8,39 долари по акција, според проспектот за ИПО поднесен минатиот месец. Тој пакет акции и опции би вредел 688 милијарди долари доколку со акциите на „СпејсЕКС“ навистина почне да се тргува по 135 долари по акција. („Форбс“ во моментов го проценува уделот на Маск на околу 500 милијарди долари, врз основа на проценката дека компанијата вреди 1,25 билиони долари по нејзиното спојување со компанијата на Маск за вештачка интелигенција и социјални мрежи „хАИ“ во февруари.)
Тоа би било доволно за богатството на Маск да ја премине границата од 13 цифри, со оглед на тоа што тој поседува и речиси 12% од акциите на „Тесла“ (вредни 174 милијарди долари), опции на акциите на „Тесла“ вредни дополнителни 121 милијарда долари, помали удели во својот стартап за мозочни интерфејси „Неуралинк“ и во компанијата за изградба на тунели „Боринг компани“, како и неколку милијарди долари стекнати од претходни продажби на акции на „Тесла“.
Станувањето билионер би бил најновиот голем рекорд за 54-годишниот Маск, кој пред само осум месеци, во октомври, стана првата личност во историјата со вредност од 500 милијарди долари. Само уште едно лице, Лери Елисон од „Оракл“, некогаш вредело 400 милијарди. Маск во моментов е речиси трипати побогат од следната најбогата личност во светот, соосновачот на „Гугл“, Лери Пејџ, чија проценета вредност се движи околу 295 милијарди долари. Елисон во меѓувреме падна на 283 милијарди, што му го носи третото место.
„СпејсЕКС“ беше главната причина за неверојатниот подем на Маск до рекордни вредности на богатството кои претходно беа незамисливи. Компанијата ја зголеми својата вредност за повеќе од 12 пати од 2021 година, кога за првпат помина 100 милијарди долари во приватна трансакција. Ова се случува и покрај фактот што „СпејсЕКС“ во 2025 година пријави нето-загуба од 4,9 милиони долари при приходи од 18,7 милијарди долари. Компанијата очекува да ги привлече јавните инвеститори преку брзорастечката сателитска мрежа „Старлинк“ и амбициозните планови за вештачка интелигенција, вклучувајќи ја и изградбата на соларни дата-центри во вселената.
Сепак, „Тесла“ останува клучен дел од финансиите на Маск – и мал пад на цената на нејзините акции потенцијално би можел да го спречи Маск да стане билионер кога „СпејсЕКС“ ќе излезе на пазарот. Доколку Маск премногу го пренасочи својот фокус од производителот на електрични автомобили во следните година и половина, тој би можел да изгуби 12 цифри. Имено, тој мора да се откаже од своите опции за акции во „Тесла“ вредни 121 милијарда долари доколку не остане на позицијата извршен директор на „Тесла“ (или „извршен службеник одговорен за развој на производи или за операциите на компанијата“) до јануари 2028 година, според условите од ажурираниот договор меѓу Маск и „Тесла“ потпишан во април.
Од друга страна, акционерите на „Тесла“ во ноември одобрија уште еден рекорден пакет за надомест на Маск со цел дополнително да го мотивираат. Наградата би можела да му донесе околу еден билион дополнителни акции на „Тесла“ (пред оданочување и трошоци за отклучување на ограничените акции) доколку остане во компанијата и доколку „Тесла“ ги достигне целите на перформансите за „Лет на Марс“ (Mars shot), како што е осумкратниот раст на пазарната вредност во следната деценија.
Со други зборови, доколку „СпејсЕКС“ ја достигне таргетираната цена за ИПО, а акциите на „Тесла“ не доживеат преголем пад, Маск ќе стане првиот билионер во историјата на светот. А можеби набргу ќе тргне и кон рекордот од 2 билиони долари.