Малку се деловните лидери кои се толку длабоко вкоренети во популарната култура како Илон Маск, амбициозниот претприемач кој стана централна фигура на интернет-културата и стекна богатство што го направи првиот светски трилионер.

Во време кога загриженоста поради општествената нееднаквост и негативниот став кон ултрабогатите се сè поизразени, Маск успеа да ја задржи лојалната база на обожаватели и покрај своето астрономско богатство, и тоа без пристапниот и „народен“ имиџ кој, на пример, им помогна на милијардерите како Ворен Бафет да ја стекнат наклонетоста на пошироката јавност, пишува Ројтерс.

Додека неговите обожаватели сметаат дека токму неговиот нефилтриран стил на комуникација е дел од неговата привлечност, критичарите го обвинуваат дека располага со моќ слична на онаа на олигарсите, предупредуваат на проблемите со корпоративното управување во неговите компании и му приговараат за неговите сè поизразени политички интервенции.

И покрај тоа, „СпејсЕкс“ – огромната компанија која се занимава со ракетна технологија, сателити и вештачка интелигенција и која заедно со производителот на електрични автомобили „Тесла“ го сочинува јадрото на деловната империја на Маск – прибра рекордни 75 милијарди долари при иницијалната јавна понуда на акции (IPO) во четвртокот, потврдувајќи го силниот интерес на инвеститорите за неговите деловни потфати, пренесува Ројтерс.

Пред продажбата на акциите, списанието „Форбс“ го процени богатството на Маск на околу 780 милијарди долари, значително повеќе од второпласираниот на листата на најбогати луѓе во светот, коосновачот на „Алфабет“, Лари Пејџ. „Втората најбогата личност во светот досега се движеше околу 300 милијарди долари, што е помалку од една третина од она колку што Маск потенцијално би можел да вреди веќе утре“, изјави Мет Дурот, заменик-уредник на „Форбс Велт“. „А само уште едно лице, основачот на ‘Оракл’, Лари Елисон, некогаш ја надмина вредноста од 400 милијарди долари.“

Најголемиот дел од богатството на Маск денес е поврзан со „СпејсЕкс“, каде што поседува удел вреден приближно 866 милијарди долари. Заедно со „Тесла“ и останатиот имот, неговата нето-вредност ќе надмине 1,1 трилион долари (илјада и сто милијарди долари) кога со акциите ќе почне да се тргува во петок, според процените на „Форбс“ и Ројтерс засновани на корпоративни документи.

Маск стана глобално препознатливо име благодарение на „Тесла“ и „СпејсЕкс“, пред дополнително да го прошири своето влијание со купувањето на социјалната мрежа „Твитер“ за 44 милијарди долари во 2022 година. Тоаа зделка му овозможи директен пристап до стотици милиони корисници и го претвори во еден од највлијателните гласови во расправиите за политиката, имиграцијата, државните трошоци и слободата на говорот.

Неговиот влез во политиката, особено улогата што ја имаше минатата година во Одделот за владина ефикасност во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, се покажа како еден од неговите најконтроверзни потфати. Политичките контроверзии се поклопија со слабеењето на продажбата на возилата на „Тесла“ на неколку меѓународни пазари во текот на 2025 година, кога протестите и потрошувачките бојкоти беа насочени против овој производител на електрични автомобили.