
Илјадници лица се вратија во своите домови по повеќедневната евакуација поради големите шумски пожари во централна Шпанија, додека пожарникарите продолжуваат со борбата против огнот пред новиот топлотен бран што би можел дополнително да го отежне гасењето.
Претставникот на шпанската влада за покраината Мадрид, Франциско Мартин Агире, соопшти дека 24 илјади евакуирани жители се вратиле во своите домови, додека за дополнителни дваесет илјади е укината мерката за останување во затворен простор.
Регионалните власти синоќа ги укинаа ограничувањата за 13 населени места западно од Мадрид, откако подобрите временски услови и целоноќниот ангажман на пожарникарите на терен придонеле за намалување на интензитетот на пламенот.
На жителите кои се враќаат во своите домови им се достапни психолози за помош.
Противпожарните служби соопштија дека во текот на ноќта немало повторно активирање пламени, како и дека продолжуваат со зацврстување на противпожарниот периметар и гасење на преостанатите жаришта.
Владата во Мадрид, сепак, предупреди дека е потребна претпазливост поради размерите на пожарите чиј периметар се протега на околу 250 километри, како и поради очекувањата на нов топлотен бран. За денеска се прогнозирани температури до 37 степени Целзиусови и засилување на ветерот, што може повторно да ја отежне работата на пожарникарите.
Министерот за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, изјави плановите за денеска се пожарот да биде ставен под контрола, речиси една недела по неговото избувнување.
Големите пожари во околината на Мадрид и соседната покраина Авила досега зафатија површина од околу 77 илјади хектари, што претставува една од најголемите огнени стихији во поновата историја на Шпанија.
Во меѓувреме, на југоистокот на земјата пожарникарите петти ден се обидуваат да го стават под контрола големиот шумски пожар во провинцијата Кастелон, во покраината Валенсија. Пожарот во областа на местото Вал д’Уиксо проголтал околу десет илјади хекрати земјиште, а неговиот периметар достигнал 75,5 километри.
Поради пожарот и натаму се евакуирани десеттина илјади жители, иако властите вчера делумно ги укинаа ограничувањата за населените места Ла Вилавела, Беткси и Онда.
Во денешните активности за локализрање на пожарите е предвидено вклучување и и на воздухопловните противпожарни единици, откако претходните два дена поради неповолни метеоролошки услови и температурна инверзија авионски можело да се дејствува само во попладневните часови. Властите очекуваат нови информации, по состанокот на Оперативниот координативен центар каде се вршат проценки за натамошниот развој на ситуацијата со еден од најголемите пожари во последните години во покраината Валенсија.
The post Илјадници евакуирани Шпанци се враќаат во домовите по големите шумски пожари appeared first on актуелно.мк.