Полицијата во повеќе европски земји истражува случаи на намерно подметнати метални предмети во чоколади и бонбони што децата ги собрале за Ноќта на вештерките. Во Германија се регистрирани случаи во најмалку 12 покраини, а слични инциденти се пријавени и во Австрија и Унгарија.

Eден од најсериозните случаи е регистриран во Бремерверде, во Долна Саксонија, каде деветгодишно девојче го повредило јазикот додека јадело чоколадо. При проверката во чоколадото била пронајдена игла долга најмалку пет сантиметри.

Слични случаи се пријавени во повеќе германски градови. Во Минхен, деветгодишно дете наишло на игла во гумена бонбона, додека во Хановер девојче пронашло игли во три различни слатки. Метални предмети биле пронајдени и во слатки во Баварија, Бремен, Шлезвиг-Холштајн и други покраини.

Случаи се регистрирани и во Австрија. Австрискиот јавен сервис ORF објави дека истраги се водат во повеќе покраини, а во округот Амштетен десетгодишно девојче било полесно повредено во устата откако каснало мини чоколадо во кое имало скриена игла. Австриската полиција формирала истражна група за поврзување на случаите, а истрагата се координира и со европските служби.

Германскиот „Дојчландфунк“ објави дека сличен случај е пријавен и во Унгарија, додека истраги за вакви инциденти се прошируваат и во други европски земји, меѓу кои Ирска, Данска и Норвешка.

Полицијата ги повика родителите внимателно да ги проверуваат слатките што децата ги собрале за Ноќта на вештерките, вклучително и оние со навидум неоштетена амбалажа. Доколку пронајдат игли, шајки или други сомнителни предмети, треба да ги зачуваат слатките и пакувањата и да го пријават случајот во полиција.