Министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски, најави отворање дополнителни шалтери во Битола, Скопје и Струмица, со цел да се овозможи исплата на паричните средства на корисниците на социјална помош и други права од социјална заштита кои имаат сметки во Алта банка.
Според најавите, се прават напори веќе од утре да започне исплатата на целокупните износи на паричната помош директно на шалтерите, без ограничувања при подигнувањето на средствата.
Планот предвидува најпрво да се отвори шалтер во Битола, а потоа и во Скопје и Струмица, со што ќе се олесни пристапот до средствата и за пензионерите кои немаат платежни картички и не можат да подигнуваат пари од банкоматите.
Министерот Велковски истакна дека станува збор за околу 5000 корисници на социјална помош и други права од социјална заштита кои имаат сметки во Алта банка. Тие ќе имаат приоритет при исплатата и ќе можат да го подигнат целиот износ на средствата што им следуваат, без да бидат ограничени на делумна исплата.
Со отворањето на дополнителните шалтери се очекува да се олесни исплатата на паричните средства за граѓаните кои зависат од социјалните надоместоци, како и за пензионерите кои немаат можност да користат банкомати.
The post И во Струмица ќе се отвори шалтер на Алта банка – корисниците на социјална помош ќе можат да ги подигнат сите пари appeared first on Radio StrumicaNet.