Американскиот музичар Лени Кравиц се најде во центарот на необична приказна по авионската несреќа во Флорида, во која загинаа девет лица.

Лажната вест дека тој е меѓу жртвите се прошири низ социјалните мрежи, а забуната дополнително ја зголеми Гугл, кој во еден момент покажуваше дека познатиот рокер починал.

Кравиц, меѓутоа, не бил во авионот што се урна на 1 ноември, а неговиот тим ги демантираше тврдењата за смртта на пејачот.

„Тие тврдења се невистинити и неточни“, порачала неговата публицистка Карлин Донован, реагирајќи на информациите што со голема брзина се проширија на интернет.

Зад сè стои низа погрешно поврзани информации: вистинската авионска трагедија, објавата на една пилотка за летот со познат музичар и неточните информации што се појавија на Гугл.

Сè започнало во неделата, 1 ноември, кога приватен авион „Лирџет 60“ се урна во округот Палм Бич во јужна Флорида.

Авионот летал од Остин, Тексас, до Бахамите, а во несреќата загинале сите девет лица што се наоѓале во него.

Набргу по трагедијата, на социјалната мрежа Икс почнале да кружат снимки од екранот од објавата поврзана со пилотката Емили Шелтон.

Во објавата се наведувало дека таа ќе го транспортира Лени Кравиц од Остин до аеродромот „Норт Елеутера“ на Бахамите, односно на релација слична на онаа по која се движел авионот што се урна.

„Голема чест ми е што утре ќе летам со единствениот и неповторлив Лени Кравиц“, пишувало, меѓу другото, во објавата, во кое била спомената и неговата песна „It Ain’t Over ‘Til It’s Over“.

Корисниците на социјалните мрежи ја поврзале таа порака со падот на авионот, заклучувајќи дека Шелтон управувала со авионот што се урнал и дека Кравиц бил меѓу патниците.

Меѓутоа, ниту една од овие претпоставки не била точна.

Како што наведува „Комплекс“, токму погрешното поврзување на објавата со трагичниот лет била една од клучните причини за ширењето на дезинформациите.

Емили Шелтон се огласила на Тикток за да ги негира тврдењата дека таа била пилот во авионот што се урнал.

„Неодамна дознав дека кружат гласини дека јас сум била пилот на авионот што неодамна се урна во Палм Бич. Сакам со почит да разјаснам дека не бев јас“, рекла таа.

Таа ги повикала корисниците на социјалните мрежи да престанат да шират непроверени информации и да покажат почит кон жртвите и нивните семејства.

Таа, исто така, изразила сочувство до семејствата на сите што загинале.

Проверката објавена од порталот „Лид Сторис“ покажала дека навистина имало трага од објава на интернет за летот со Кравиц, но тоа не е доказ дека музичарот или Шелтон биле во авионот што се урнал.

Особено необичен дел од приказната се однесува на Гугл.

Додека гласините за смртта на Кравиц кружеле на социјалните медиуми, некои корисници забележале дека информативниот панел на Гугл, кој се појавува покрај резултатите од пребарувањето на познати личности, покажува дека музичарот починал во Вест Палм Бич, Флорида.

На снимките на екранот се гледало поле кое го означува местото на смртта, иако не бил наведен датум.

Ваквите снимки дополнително ги разгореле гласините, бидејќи некои корисници погрешно ги протолкувале информациите од пребарувањето на Гугл како потврда дека пејачот навистина загинал.

Според извештајот на „Ентертејмент викли“, спорниот податок подоцна биле коригирани.

Важно е да се нагласи дека информативните панели на Гугл автоматски собираат податоци од различни извори и дека информациите што ги прикажуваат не се секогаш точни.

Во овој случај, не било утврдено зошто системот прикажал погрешни информации за смртта на Кравиц.

Нема докази дека Гугл имал какви било информации за неговата наводна смрт. Ова се неточни информации што дополнително ја зајакнале веќе раширената дезинформација.