
Интернет-издавачите и медиумските куќи во иднина ќе можат да го забранат користењето на нивните содржини во ВИ-прегледите што ги прикажува компанијата Гугл, како и за дополнителна обука и усовршување на моделите на вештачка интелигенција, пренесува „Гардијан“.
Извршната директорка на ЦМА, Сара Кардел, изјави дека забрзаниот развој на функциите како што е Google AI Overviews го менува начинот на кој функционира интернет-пребарувањето, поради што е важно издавачите, вклучувајќи ги и медиумските куќи, да имаат соодветна преговарачка моќ кога станува збор за користењето на нивните содржини.
Според новите правила, Гугл ќе мора да обезбеди јасно наведување на изворите и директни линкови до оригиналните содржини во ВИ-резултатите од пребарувањето, за корисниците да можат полесно да ги проверат информациите и да пристапат до изворните текстови.
Регулаторот смета дека таквата можност ќе им даде на издавачите целосна контрола врз различните начини на кои нивната содржина се користи во системите на вештачка интелигенција.
Одлуката доаѓа по поплаките од медиумските организации дека од воведувањето на ВИ-прегледите е забележан пад на бројот на посети на нивните интернет-страници, што директно влијае врз приходите од рекламирање и претплати.
ЦМА истакнува дека новите правила се осмислени така што ќе одговорат не само на постојните, туку и на идните промени што Гугл ќе ги воведува во своите услуги за пребарување. Гугл има рок од девет месеци да ги спроведе бараните промени, а британскиот регулатор најави дека внимателно ќе ја следи нивната примена, пренесуваат медиумите.
Како што се наведува, регулаторот додаде дека во наредните недели ќе претстави дополнителни мерки што се однесуваат на работењето на компанијата во областа на интернет-пребарувањето.