
Поранешната претседателка на Советот за македонски јазик, Симона Груевска, утрово во објава на Фејсбук ги образложи причините за нејзината оставка, откако министерот за култура и туризам изјавил дека таа функцијата ја напуштила од лични причини.
Во нејзината објава, Груевска открива дека за една и пол година, колку што била на чело на Советот за македонски јазик, немала ниту една средба со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Исто така, тврди дека институционалната поддршка за работата на Советот била минимална, а активностите поврзани со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик биле реализирани без финансиска поддршка. Груевска посочи дека речиси една година инсистирала да започне изработката на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена со Законот за употребата на македонскиот јазик, но наишла на административни пречки и доцнења. Според неа, работната група за изработка на стратегијата била формирана дури на крајот на јануари годинава, а нејзините забелешки и барања останале без одговор.
Како дополнителна причина за оставката, таа ја истакна и јавната расправа за Националната стратегија за култура, тврдејќи дека Советот за македонски јазик не бил консултиран во делот што се однесува на јазичната политика. Груевска вели дека на расправата ѝ било сугерирано јавно да не ги изнесува своите забелешки, по што ја напуштила седницата и истиот ден ја поднела неотповикливата оставка.
„Има уште, но мислам дека е доволно за да се процени дали од лични причини сум ја дала оставката или од објективни! Мојот заклучок на крајот е дека никој не се грижи за македонскиот јазик (што се гледа и од тоа дека три години од донесувањето на Законот не функционира Инспекторатот) и Господ да ни е напомош“, вели Груевска во објавата на Фејсбук.
Нагласува дека оставката ја доставила до Владата, Министерството за култура и туризам и Министерството за образование и наука, наведувајќи дека причините за нејзиното повлекување биле „нелични“, односно поврзани со односот на институциите кон македонскиот јазик и спроведувањето на законските обврски во оваа област.
Владата на денешната редовна седница ќе именува нов претседател на Советот за македонски јазик при Министерството за култура и туризам, откако досегашната претседателка минатиот месец објави дека поднела неотповиклива оставка од функцијата. Информацијата ја објави министерот за култура и туризам Зоран Љутков на вчерашниот брифинг со новинарите. Тој не ги коментираше причините за оставката на претходната претседателка на Советот, додавајќи дека кадровското решение ќе биде дефинирано на денешната владина седница.