Блокирани улици и тротоари, оштетени возила и стотици откорнати дрвја – ова е сликата што зад себе ја остави силното невремето што го погоди Скопје. Додека надлежните ги проценуваат штетите, екипите на терен ги расчистуваат последиците. Катаклизмичните сцени го разоткрија најголемиот проблем на скопската новоградба – фушерајското градење без стандарди, без правила и без вистинска контрола. Покриви паѓаа на улица и врз паркирани автомобили, фасади се откорнуваа, а делови од објекти завршуваа меѓу минувачите. За среќа, овојпат немаше човечки жртви, но останува прашањето: дали Скопје гради домови или темпирани бомби? Граѓаните прашуваат дали проблемот е во неквалитетните материјали, несоодветната изведба, недоволниот надзор или, пак, во накнадно изградените кровни конструкции на постарите згради.

Според архитектот и професор, Мирослав Грчев, општа е приказната дека се гради со фушерај и со помалку контрола и помалку се почитуваат стандардите во самата градба. Потенцира дека законот за градење подразбира сите учесници во градбата си ги исполнат своите должности согласно законот, но кога ќе видите што се случуваа во праакса и дека ревизиите на проектите се прават формално и не се вистински со проверки и критички упатства за подобрување, како што беше некогаш.

-Јас се повикувам на друга пракса од друго време кое што никој што не е активен не ја памти и тоа тргнува уште тогаш. Кога ќе дојде до изградба, во денешно време се помалку се прави оној вистински надзор. Одговорноста за спроведуваање на стандардите на Законот за градење кои се со цел градењето да го направат безбедно и поверодостојно, се оставени на градежната инспекција. Кога ќе видите огромни општини дека имаат по 1-2 градежни инспектори на 50 илјади или повеќе жители, тоа значи дека практично не може да ја врши законската функција на инспекција. Општината не е екипирана. Сите потоа викаат по градежниот инспектор, но тој нема крилја и не се движи со светлосна брзина. Тој е вработен државен службеник и може по нешто да посети во текот на денот и најчесто го прави на достапни објекти, не може на полупријавени или непријавени. Не може да стигне секаде и оттаму ќе видите дека нема градски општини кои што се целосно екипирани, вели Грчев во разговор за „Локално“.

Според него, се работи за општа состојба во која што се намалуваат и ги снемува институционалните капацитети на државата да ги врши своите функции во заштитата на јавното добро и безбедноста.

-Силината на ветерот да беше рамномерна, немаше завчера немаше да се срушат толку дрвјаа и даа се откорнат толку покриви. Среќната околност во тие хааотични движења на воздушните струи на ветровите е дека удираат во случајни тесни подрачја и ќе закачат случајни покриви кои што не се правилно закачени за конструкцијата. Тоа е една толку едноставна и стара операција кои што ја правеа дунџери и ѕидари од пред повеќе од еден век, а камоли во поново време, истакнува Грчев, додавајќи дека кога иделе по градилишта за да го изучат занаетот како млади, забележувале дека како што идело времето, така се одбегнува закачувањето на покривите на конструкцијата и се мисли сосема неодговорно и плиткоумно дека самата тежина на покривот го држи.

-Тоа е точна претпоставка, но само кога времето е мирно или кога се во прашање вообичаените ветрови како Повардарецот или некои посилни северозападни ветрови, доминантни во Скопската котлина. Но, кога зборуваме за вакви силни ветрови од 130 км на час, може секој нормално и школски закачен покрив на бетонската конструкција, да издржи било какво невреме. Сите покриви и сите тенди, најголемата сила на која што тие треба да бидат пресметувани и која што е критична и по која што се димензионира целата конструкција, тоа е силата на ветерот. Како што се менуваат климатските промени, така уште од проектната фаза, треба да се освежуваат и апдејтираат стандардите за силината на ветерот на која што треба да се смета, дециден е архитектот.

Според податоците на МВР, завчера до 22:00 часот на подрачјето на СВР Скопје се евидентирани 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени кровови, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.

Невремето предизвикало штети и на повеќе јавни објекти, меѓу кои објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база „Петровец“, зградата на „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.

Н.П.