Народната банка на Македонија ги повика деловните банки во најкус можен рок да се откажат од речиси двоцифреното покачување на надоместоците на платниот промет за граѓаните и бизнис-заедницата. Гувернерот Трајко Славески ја повика и Комисијата за заштита од конкуренција одблизу да го следи ваквото однесување на деловните банки кои според него укажува на координирано дејствување на штета на клиентите.

Славески ја посочи потребата од неопходни законски измени во регулативата кои ја третираат оваа област. Вели дека Министерството за финансии во соработка со Народна банка по примерот на многу земји од Европа и светот треба да подготви законски текст со кој ќе се регулира висината на провизиите кои ги наплаќаат банките.

Неговата реакција следува откако четири банки во земјава во изминатите денови најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет. Овие одлуки предизвикаа реакции кај дел од јавноста и повторно го отворија прашањето дали постојната законска рамка обезбедува доволна заштита за корисниците на банкарските услуги.

Дел од експертите во државата истакнуваат дека банките се приватни компании и нив не ги интересира економската состојб. Како што вели, екс-министерот за финансии, Џевдет Хајредини, тоа е товар за корисниците на банкарските услуги, како граѓаните и претпријатијата.

Џевдет Хајредини – Фото: Јутјуб/Принтскрин/НБРМ

-Морал нема во пазарна економија  –  што повеќе има приходи, тоа е целта на банките. Да имаат што поголема добивка на крајот на годината. Ова не е реакција што гувернерот на Народната банка, Трајко Славески треба да ја каже. Ако е надлежен, нека преземе мерки и нека ги ограничи провизиите, а ако не, нека молчи. Тој не е политички фактор туку монетарна власт со уставни овластувања и треба да се движи околу тоа, а не да соли памет и да дели морал дека тоа не чинело, вели Хајредини во изјава за „Локално“.

Кому не му одговара, додава соговорникот, има конкуренција кај банките и тие меѓусебе се договараат.

-Славески сака да продава политика и да се додворува на Владата. Тој не треба да ја следи Владата туку монетарната политика што е утврдена според закон и надлежностите. Фискалната политика е на Министерството за финансии, истакнува Хајредини.

За барањето на Славески за разгледување на можни законски измени со кои на Народната банка би ѝ се овозможиле механизми за поголема заштита на корисниците на платежните услуги и за ограничување на одредени банкарски надоместоци, екс-министерот вели дека никој не му брани и дека „ако сака нека разгледува законски измени за провизиите“.

-Државата ги знае своите надлежности, Парламентот носи закон. Никој на законодавната власт не ѝ пречи. Уставниот суд ќе го укине законот ако не е уставен. Можат да се предлагаат мерки за да се штитат интересите на граѓаните, нагласува Хајредини.

Околу повикот на Славески, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска одговори дека „надоместоците не се законска материја ниту, пак, некогаш биле“. На дополнителна забелешка на новинарка дека тоа значи дека Финансии немаат основа да го менуваат законот, Димитриеска Кочоска го повтори истиот одговор.

Дел од партиите обвинија дека најавеното зголемување на банкарските провизии претставува уште еден удар врз животниот стандард на граѓаните и уште еден доказ дека банкарскиот сектор продолжува да ги става профитите пред интересите на населението.

„Провизиите во моментов учествуваат со околу 18 проценти во нето-добивката на банките. Тоа се над 100 милиони евра годишно, односно околу 107 милиони евра. Наместо да ги намалуваат трошоците за граѓаните, банките повторно посегнуваат по нивниот џеб“, изјави пратеникот на Левица, Борислав Крмов.

Според најавите, плаќањето сметки во банка, кое сега чини меѓу 50 и 90 денари, ќе поскапи за дополнителни 30 денари, што значи дека граѓаните ќе плаќаат и до 120 денари провизија за една единствена уплата.

„Најпогодени од овие поскапувања ќе бидат пензионерите, кои најчесто ги користат шалтерските услуги и немаат можност или навика да користат електронско банкарство“, посочи Крмов.

Македонскиот банкарски сектор за 2024 година остварил вкупен профит од над 280 милиони евра. Приходите од провизии и од надоместоци изминатите години растат континуирано, па ако пред десет години изнесувале 68,8 милиони евра, во 2023 година достигнале до речиси 107 милиони евра. Во Македонија има 13 банки.

Н.П.