
Градоначалникот на Вис, Хрвоје Мратиќ, кој функцијата ја извршува како независен кандидат, утринава околу 9:30 часот бил физички нападнат во центарот на градот.
Според наводите на „Slobodna Dalmacija“, Мратиќ лично дошол за да отстрани дел од угостителска тераса, односно клупи и перници кои локалното кафуле „Билиба“ со години ги држи пред својот објект.
Односите меѓу градската управа и сопственичката на кафулето Ана Ковач се затегнати уште откако Мратиќ ја презеде должноста градоначалник. Градот, како што се наведува, во повеќе наврати го забранил одржувањето концерти кои ги организирала Ковач, што последниве месеци предизвика јавен судир и бројни расправи на социјалните мрежи за оправданоста на таквите одлуки, со оглед на тоа што настаните биле уредно пријавени.
Според пишувањето на „Slobodna Dalmacija“, судирот кулминирал утринава кога братот на сопственичката на кафулето физички го нападнал градоначалникот и го соборил со ударац.
„Проблемот со летните тераси и нивната површина кај сите кафулиња, ресторани и угостителски објекти е присутен веќе долго време. Иако некои имаа десетина или дваесет отсто повеќе простор од дозволеното, не е логично градоначалникот лично да доаѓа тоа да го решава“, рекол еден жител на Вис.
Хрвоје Мратиќ ја презеде должноста градоначалник по минатогодишните локални избори, кога во првиот круг го победи дотогашниот градоначалник Иво Радица од ХДЗ, кој оваа функција ја извршуваше 16 години.