Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека проверува дали неговата администрација има законска можност да нареди апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку во септември пристигне во градот за Генералното собрание на Обединетите нации.
Мамдани изјави дека смета оти „местото на Нетанјаху е во Хаг“, алудирајќи на Меѓународниот кривичен суд, кој во ноември 2024 година издаде налог за негово апсење поради наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.
Тој нагласи дека сè уште не знае дали има овластување да ѝ нареди на њујоршката полиција да приведе странски државник, но дека градските правни служби ја разгледуваат таа можност.
„Ќе направиме сè што ни дозволува законот во Њујорк, но нема сами да пишуваме закони за таа цел“, изјави Мамдани.
За време на својата градоначалничка кампања тој повеќепати ги нарече израелските воени операции во Газа геноцид, а Нетанјаху воен злосторник, иако истовремено ги осуди и нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година како тежок воен злостор.
Правни експерти, според „Њујорк тајмс“, оценуваат дека евентуално апсење на Нетанјаху од страна на градските власти би било практично невозможно и би можело да предизвика судир со федералната влада на САД.
Соединетите Американски Држави не се членка на Меѓународниот кривичен суд и не ја признаваат неговата надлежност, а администрацијата на Доналд Трамп воведе санкции против Судот и остро го критикуваше неговото работење.
Нетанјаху ги отфрли изјавите на Мамдани, велејќи дека не е загрижен и обвинувајќи го градоначалникот дека застанува на страната на Хамас, што Мамдани категорично го негира.
Израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, исто така го критикуваше Мамдани, обвинувајќи го дека не се справува со растечкиот антисемитизам во Њујорк.
Мамдани возврати дека неговата администрација ги зголемила средствата за канцеларијата која се бори против злосторствата од омраза и дека ќе продолжи да ги почитува законите на градот и државата.
Во меѓувреме, прашањето за американската поддршка на Израел станува сè почувствителна тема во редовите на Демократската партија, каде расте бројот на пратеници кои бараат ограничување на воената помош за Израел.
Се очекува светските лидери, меѓу кои и Бенјамин Нетанјаху, во септември да пристигнат во Њујорк на редовното годишно заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.
The post Градоначалникот на Њујорк проверува дали може да го уапси Нетанјаху при посетата на ОН appeared first on Скопско ЕХО.