
Екипите на Градот Скопје ќе бидат на терен сè додека не бидат санирани сите последици и се додека не се осигура целосна безбедност за граѓаните, изјавија за „Локално“ од Град Скопје, на прашањето зошто се уште има паднати дрвја на тротоарите и во парковите, како и дека граѓаните се жалат дека со денови чекаат некој да дојде да им помогне да ги отсранат паднатите дрвја и покриви од нивните автомобили и домови.
-Поради силното невреме што пред три дена го зафати Скопје, Кризниот штаб на Град Скопје, заедно со сите надлежни служби и јавните градски претпријатија, беше целосно мобилизиран и подготвен за брза и навремена интервенција, велат од Град Скопје.
Градските власти се пофалија дека екипите на Град Скопје ги расчистиле главните градски улици и булевари уште истата вечер, и дека продолжиле со расчистување на пешачките патеки, приодите кон јавните институции и општинските улици.
-Се работи деноноќно, во смени, за што побргу да се расчистат последиците од невремето. На терен се повеќе од 1.000 луѓе – вработени во јавните претпријатија Паркови и зеленило, Комунална хигиена, Водовод и канализација, Улици и патишта и од Бригадата за противпожарна заштита, изјавија од Град Скопје.
Од Градот велат дека на состанокот со градоначалниците на десетте скопски општини што се одржа во средата, е договорено скопските општини да формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од невремето и дека тоа е веќе почнато.

Фото: Локално
-Веднаш објавивме телефонски броеви на кои граѓаните можеа да се јават за да побараат помош или да пријават штети. Тоа е пред се, телефонскиот број 112, а беа оставени и три други телефонски броеви во Градот Скопје.
Од Градот велат дека тешки последици од невремето има и во Градскиот парк и дека екипите се на терен и интензивно го расчистуваат просторот, а паралелно се спроведува и акција за стручна проценка и маркирање на старите, заболени и небезбедни дрвја.
-Во текот на вчерашниот ден беа засадени 60 нови садници од видовите јавор и јасен во Градскиот парк, со што придонесуваме за обнова на зеленилото и за ублажување на состојбата, изјавија од Град Скопје.
Градските власти појаснуваат дека во координација со Владата ќе се врши стручна процена на пријавените штети, по што, согласно законската регулатива и воспоставената пракса ќе почне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетувањата на објектите за домување.
Е.Б.