Премиерот Христијан Мицкоски очекува кон крајот на следната недела, гостиварци да имаат целосно исправна вода за пиење, по катастрофата со фекалиите во водоснабдувачкиот систем. Од друга страна, технички исправна вода треба да има до крајот на оваа недела, по приклучувањето на екипи од скопскиот „Водовод“.

-Сега треба да се пристапи кон целосно перење на системот за да можеме да добиеме вода која што ќе има нормални граници на хлор и која што ќе биде добра за техничка употреба. Кон крајот на идната недела, планот е таа да биде добра и за пиење. За жал, таа летаргија која ја зафати општината по случајот, е предизвик за сите нас, но, тоа е што е. Иако не се ингеренции на Владата, ќе сториме се што е во наша моќ за час поскоро профункционира системот и се стави во употреба, кажа Мицкоски од пуштање во употреба на реконструираниот градски базен во Општина Кавадарци.

Од Центарот за јавно здравје посочуваат дека квалитетот и безбедноста на водата, треба да се следи преку континуиран мониторинг и анализи без отстапки.

Водата од гостиварскиот водовод, сè уште е забранета за секаква употреба. Со цел подобра координација на институциите и побрзо ставање во функција на водоснабдителниот систем, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба.