Цените на дизелот и бензинот во Европската Унија значително паднаа во јуни во споредба со мај, но горивото и мазивата за лични возила и понатаму беа за 13,7 проценти поскапи отколку во истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Со ова, годишниот раст на цените значително се забави. Во април тој изнесуваше 20,8 проценти, а во мај 20,7 проценти.

Најголем раст на цените на горивата и мазивата во јуни, во споредба со истиот месец минатата година, е забележан во Бугарија со 26 проценти. Следуваат Литванија со 23,5 проценти, Романија со 23,1 процент, Финска со 22 проценти и Луксембург со 20,7 проценти.

Најмало годишно зголемување е евидентирано во Унгарија, 2,3 проценти, и Полска, 5,8 проценти. Во останатите држави за кои се регистрирани промени, растот се движеше од 7,9 проценти во Шпанија до 18,6 проценти на Кипар. Според методолошката забелешка на Евростат, цените на горивото на Малта се фиксирани од 2020 година, па во таа земја немаше промени.

Гледано на месечно ниво, движењето на цените беше поповолно за потрошувачите. Дизелот во ЕУ во јуни поевтини за 6,4 проценти, додека цената на бензинот се намали за 4,2 проценти во однос на мај.

Дизелот поевтини во сите држави членки. Најголем пад е забележан во Чешка, 11,3 проценти, Полска, 9,7 проценти, и Бугарија, 9,4 проценти. Најмало намалување е регистрирано во Унгарија, 0,6 проценти, Италија, 1,4 проценти, и Словенија, 1,6 проценти.

Цените на бензинот пораснаа единствено на Кипар, за 0,7 проценти, и во Италија, за 0,5 проценти. Во останатите членки бензинот поевтини, а најголем пад е евидентиран во Шведска, 7,8 проценти, Белгија, седум проценти, и Полска, 6,6 проценти.