Во повеќе делови на Иран рано утринава беа пријавени експлозии по новиот бран американски воздушни напади врз воени цели. Според иранските медиуми, експлозии се слушнале во Конарек, Чабахар, во близина на Шираз, како и околу островот Кешм и градот Бандар Абас.
Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека нападите започнале доцна синоќа и дека нивна цел е дополнително да се ослабат иранските воени капацитети кои, според Вашингтон, се користат за напади врз трговски бродови во Ормускиот Теснец. Ова е десетта последователна ноќ на американски напади врз Иран по нападите што Техеран ги изврши врз земји во кои се распоредени американски воени бази.
Во меѓувреме, танкер беше погоден од неидентификуван проектил во Ормускиот Теснец во близина на брегот на Оман, соопшти британската агенција за поморски трговски операции (UKMTO). Иранската државна телевизија објави фотографија од запален танкер со порака дека тоа се последиците од, како што наведуваат, довербата во САД.
Техеран претходно побара бродовите да ја користат рутата долж иранскиот брег, тврдејќи дека само таа е безбедна за пловидба. Ормускиот Теснец, преку кој минува значителен дел од светскиот извоз на нафта, гас и ѓубрива, останува едно од главните жаришта во ескалирачкиот конфликт меѓу САД и Иран.
Дополнителната ескалација ги зголемува стравувањата од нарушување на глобалната трговија и енергетските пазари. Состојбата во регионот и натаму внимателно ја следат светските сили, кои повикуваат на намалување на тензиите.
The post Гори танкер во Ормускиот теснец, близу Оман – погоден е од неидентификуван проектил appeared first on Скопско ЕХО.