Односите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган отсекогаш биле сложени. За време на сириската граѓанска војна, двете земји поддржуваа спротивставени страни – Турција ги поддржуваше бунтовниците кои сакаа да го соборат Башар ал Асад, а Русија неговиот режим.

И покрај тоа, Москва и Анкара успеаја да најдат заеднички интерес. Кога Турција во 2016 година покрена воена операција на северот на Сирија, го стори тоа со премолчено одобрување од Русија, која тогаш го контролираше сирискиот воздушен простор. За возврат, Анкара ја ограничи поддршката за бунтовничките групи.

Ваквите договори им овозможија на двете држави да го зацврстат своето влијание во Сирија, но и пошироко на Блискиот Исток.

Со години Ердоган беше послабиот партнер во односот со Путин, но руската инвазија врз Украина ја промени рамнотежата, тврди „Њујорк Тајмс“.

Додека Западот ѝ воведуваше санкции на Москва, Турција не им се придружи и стана важен канал за руската трговија, инвестиции и енергетски текови, што ѝ даде на Анкара дополнително политичко влијание врз Кремљ.

Вистинскиот пресврт се случи кон крајот на 2024 година, кога беше соборен сирискиот претседател Башар ал Асад. Русија, оптоварена со војната во Украина, не интервенираше за да го спаси својот долгогодишен сојузник, туку беше принудена да воспостави односи со новите сириски власти, составени токму од луѓе против кои војуваше со години.

Турција, од друга страна, излезе од овој конфликт како доминантна надворешна сила во Сирија.

Новата ситуација ѝ понуди можност на Турција повторно да се позиционира како клучен сојузник на НАТО и истовремено да го редефинира својот однос со Русија.

Во април, украинскиот претседател Володимир Зеленски, користејќи турски државен авион, ја посети Сирија. Таму тој разговараше со привремениот сириски претседател Ахмед ал Шара и со турскиот министер за надворешни работи за воена и енергетска соработка.

Турција учествува во реформата на сириската војска, а Украина сака да го понуди своето искуство во производството на оружје и употребата на дронови, стекнато за време на војната со Русија. Со ова Киев се обидува да изгради односи со земја која со децении беше во руската сфера на влијание.

Киев во последните месеци ја интензивираше соработката и со заливските држави. Откако Иран започна да користи беспилотни летала „Шахед“ во регионалните конфликти – истите оние што Русија ги употребува против Украина – Зеленски се обиде да ги искористи украинските искуства во противвоздушната одбрана.

Така, украински експерти беа испратени во Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати за да помогнат во зајакнувањето на одбранбените капацитети на овие земји.

Турција, која веќе има развиено воени врски со заливските монархии, ја гледа растечката улога на Украина како дополнителна вредност за својата регионална стратегија.
Слабнењето на Москва отвора простор за Анкара

За Украина, ширењето на влијанието на Блискиот Исток е можност за стекнување нови сојузници и извори на приходи, но и за позиционирање како безбедносен партнер надвор од Европа.

Фактот што Турција активно помага во овој процес покажува колку е променет односот на силите меѓу Анкара и Москва. По една деценија прилагодување на руските интереси, Турција сега има повеќе простор за спроведување на сопствената политика, додека на Русија ѝ е сè потешко да го одржи своето некогашно глобално влијание.