Љубителите на џез музиката вечерва од 20:00 часот ќе имаат можност да уживаат во настапот на Гоце Стевковски Квинтет, кој ќе се одржи во рамките на програмата од првото издание на JAZZ STReam Festival 2026 во Струмица.

Станува збор за еден од најпрепознатливите авторски џез состави на македонската сцена, предводен од тапанарот и композитор Гоце Стевковски. Квинтетот зад себе има два значајни албуми – „7 Stories“ и „Homage to a Dream“, со кои изгради препознатлив музички израз и доби високи оценки од домашната музичка критика.

Нивниот звук се темели на пост-хард боп естетика, збогатена со впечатливи мелодии, фанк елементи и внимателно избалансирана виртуозност. Композициите на Стевковски се препознатливи по богатата звучна текстура и силниот авторски печат, а критичарите често ги споредуваат со естетиката на вториот квинтет на легендарниот Мајлс Дејвис.

На вечерашниот концерт публиката ќе има можност да слушне авторска музика на Стевковски, изведена од врвни македонски музичари во состав: Гоце Стевковски на тапани, Кирил Кузманов на саксофон, Гордан Спасовски на клавијатури, Дарко Мучев на бас и Сашко Николовски на тромбон.

Гоце Стевковски повеќе од две децении е активен на домашната и регионалната џез сцена. Во својата кариера соработувал со бројни реномирани ансамбли и музичари, меѓу кои Лабиш Трио, Бодан Арсовски Езгија Оркестар, Леб и Сол, Архангел, Проект Жлуст, Д.Н.О., Кирил Џајковски, Зоран Маџиров и ЗЏМ Биг Бенд.

Организаторите најавуваат уште една незаборавна фестивалска вечер исполнета со врвен авторски џез, исклучителни музичари и енергија која најсилно се доживува во живо.

The post Гоце Стевковски Квинтет вечерва на JAZZ STReam Festival во Струмица appeared first on Radio StrumicaNet.