Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека салата „Расадник“, која ја нарече свој најдраг проект, од денес повторно е гордост на градот, откако беше официјално пуштена во употреба по целосното реновирање.

На свеченото отворање присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски истакна дека проектот има посебно значење за него, бидејќи зад неговата реализација стојат години посветеност, работа и верба дека салата може повторно да стане значаен спортски центар.

Тој потсети дека „Расадник“ со децении претставувал препознатлив симбол на спортот во Кисела Вода и Скопје, место каде се испишувале бројни спортски приказни, се играле важни натпревари и се славеле значајни успеси.

Според него, салата била затекната во руинирана состојба, со сериозни оштетувања, долгови и без перспектива за развој.

„Многумина не веруваа дека Расадник може повторно да се врати, но ние верувавме и ветивме дека ова место нема да остане заборавено“, порача Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека процесот на обнова не бил лесен, но резултатот покажал дека со посветеност и упорност е можно повторно да се создаде модерен спортски објект кој ќе им служи на спортистите и граѓаните.

Со реконструкцијата, салата „Расадник“ повторно станува дел од спортската инфраструктура на Скопје и ќе биде домаќин на бројни спортски настани во иднина.

The post Ѓорѓиевски: Салата „Расадник“ повторно е гордост на Скопје appeared first on Прва Скопска ТВ.