По повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, оддаде почит на жртвите и порача дека трагедијата од 26 јули 1963 година никогаш не смее да биде заборавена. Тој потсети дека во 5 часот и 17 минути, за само неколку секунди, биле изгубени повеќе од илјада човечки животи, а илјадници семејства останале без своите домови.

Ѓорѓиевски истакна дека зад секоја бројка стои човечка судбина и дека споменот на жртвите е трајно вграден во историјата на Скопје. Според него, токму од големата трагедија се родила светската солидарност, благодарение на која градот повторно бил изграден. Тој нагласи дека денешните генерации имаат обврска да го чуваат, унапредуваат и развиваат Скопје со визија, одговорност и љубов.

Ѓорѓиевски порача дека најголемата почит кон жртвите е создавањето современ, безбеден и достоинствен град кој ќе го почитува своето минато. На крајот, тој истакна дека Скопје останува град на солидарноста, надежта и непокорот, кој и по најголемата трагедија продолжил да живее и да се обновува.

The post Ѓорѓиевски: Најголемата почит кон жртвите од земјотресот е да изградиме безбедно и достоинствено Скопје appeared first on Скопско ЕХО.