Дваесетгодишник од Гевгелија е осомничен за кривичното дело Тешка кражба, Јавното обвинителство бара судот да му одреди мерка притвор.

„Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 20-годишен маж од Гевгелија, бидејќи на 22 јули со кршење се обидел да ограби куќа во Скопје. Тој се прекачил преку оградата и влегол во дворот на куќата во раните утрински часови. Пронашол дрвени скали и ги потпрел на ѕидот, па преку нив се качил до прозорецот. Со сила ја подигнал ролетната, а со хебла отворил и влегол во куќата. Пребарувал и претурал, но бил забележан од сосед кој веднаш пријавил“, соопшти Јавното обвинителство.

Полициските службеници го затекнале и го лишиле од слобода пред да го доврши делото.

„Бидејќи станува збор за лице кое нема постојано живеалиште или престојувалиште во Скопје, а и претходно се јавува како сторител на имотни деликти, јавниот обвинител оцени дека постои ризик од бегство и опасност осомничениот да врши и други кривични дела, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

The post ГЕВГЕЛИЧАНЕЦ ПРОВАЛИЛ ВО КУЌА ВО СКОПЈЕ ЗА ДА КРАДЕ, СОСЕД ГО ВИДЕЛ И ВИКНАЛ ПОЛИЦИЈА Обвинителството бара притвор appeared first on plusinfo.mk.