
Германскиот производител на батерии Varta вчера потврди дека поднел барање за стечај, наведувајќи ја слабата побарувачка, неповолните девизни курсеви и губењето на клучен клиент како причини, јавува германската агенција DPA.
Портпаролот на Окружниот суд во Штутгарт потврди дека компанијата поднела четири барања за стечај, кои ги вклучуваат и нејзините подружници.
Varta изјави дека една од главните причини за финансиските тешкотии е губењето на важен клиент, откако американскиот Apple одлучи да набавува батерии за полнење „CoinPower“ за своите слушалки AirPods од Кина во иднина.
Пријавувањето за стечај претходно беше објавено од Ројтерс откако акционерите на Varta, производителот на спортски автомобили Porsche и австрискиот инвеститор Михаел Тојнер, не се согласија да обезбедат дополнително финансирање на компанијата.
Според Ројтерс, Varta би можела да се подели, а клучните доверители, вклучувајќи ја и Deutsche Bank, размислуваат да го преземат профитабилниот дел од бизнисот со батерии за дома, додека Тојнер е заинтересиран за секторот на микробатерии.
Varta вработува околу 3.200 луѓе, претежно во седиштето на компанијата во Елванген. Компанијата го објави својот последен финансиски извештај за 2024 година, кога регистрираше приход од околу 793 милиони евра и загуба од 64,5 милиони евра.
Компанијата, покрај батерии за домаќинства, произведува и микробатерии за слушни апарати, како и системи за складирање на енергија.