
Можностите за нови германски инвестиции и за отворање високоплатени работни места во Македонија биле главните теми на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со претставници на компании од германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, кои веќе се присутни на македонскиот пазар.
Мицкоски на Фејсбук објави дека на средбата биле претставени можностите за вложувања во информатичко-комуникациските технологии, обновливите извори на енергија, здравството, јавната безбедност и инфраструктурата.
„Разговаравме за можностите за нови инвестиции, проширување на економската соработка и отворање нови, високоплатени работни места во Македонија“, напиша премиерот.
Посебно внимание било посветено и на дигиталната трансформација на индустријата, како една од областите во кои Македонија може да ја прошири соработката со германските компании.
„Владата останува посветена на создавање стабилна, предвидлива и конкурентна деловна клима“, наведе Мицкоски.
Тој посочи дека целта е германските компании да ја препознаат Македонија како партнер за долгорочни инвестиции, пренос на технологии и развој на висококвалификуван кадар.
Во објавата не се наведени имињата на компаниите што учествувале на средбата, ниту конкретни инвестициски проекти или износи.
The post ГЕРМАНСКИ КОМПАНИИ МОЖЕ ДА ОТВОРАТ ВИСОКОПЛАТЕНИ РАБОТНИ МЕСТА Мицкоски во Бон разговараше за ИКТ-секторот, енергетиката и за здравството appeared first on plusinfo.mk.