Португалската малцинска влада од десниот центар најверојатно ќе го усвои законот со поддршка на крајно десничарската партија „Шега“. Со овој закон се предлагаат измени на повеќе од стотина членови од законот за труд, со кои се цели да се зголеми продуктивноста и да се поттикне економскиот раст, откако преговорите со синдикатите пропаднаа.

Тијаго Оливеира, претседател на најголемиот португалски сојуз на синдикати ЦГТП (CGTP), кој и го свика генералниот штрајк, за „Ројтерс“ изјави дека реформата ќе ги влоши условите за работа на работниците преку зацврстување на прекарното (несигурно) вработување, дерегулација на работното време, олеснување на процесот на давање откази и ограничување на правото на штрајк и родителската заштита.

Реформата би ги оставила младите работници „заглавени во несигурни доживотни договори“, принудувајќи ги да работат по 50 часа неделно без дополнителна плата, наместо сегашните стандардни 40 часа, а истовремено на работодавачот би му го олеснила нивното отпуштање и замена со поевтина странска работна сила, смета Родриго Азеведо, 30-годишен банкарски службеник.

„Пакетот мерки за труд е голема закана не само за иднината на младите работници, туку и кога станува збор за моменталната состојба“, изјави тој.

Државната железница ЦП го прекина сообраќањето на возовите на долги релации и на повеќето регионални возови, додека лисабонското метро е целосно затворено. Низ целата земја се затворени училишта поради недостиг на персонал, а болниците ги одложија повеќето операции и прегледи по штрајкот на медицинските сестри.

Португалскиот национален авиопревозник ТАП соопшти дека во средата ќе реализира само 79 од своите вообичаени над 300 дневни летови, додека авиокомпанијата „Иберија“ очекува намалување на вообичаените летови за меѓу 50 и 75 отсто.

Реформата предвидува олеснети отпуштања од оправдани причини, овозможува на компаниите да им се дозволи да одбијат враќање на работникот на работа во случај на незаконски отказ под услов да платат отштета, како и можност за укинување на ограничувањата за аутсорсинг (outsourcing).

Претходно одржаниот штрајк во декември беше првиот генерален прекин на работата од протестите одржани во 2013 година против воведувањето на мерките за штедење.