
Илјадници работници, студенти и средношколци денеска излегоа на протести во повеќе француски градови, во рамките на националниот штрајк организиран од синдикатите, со барања за значително зголемување на минималната плата, повисоки примања и подобрување на условите во јавните служби.
Демонстрациите се одржуваат во услови на зголемено незадоволство од трошоците за живот и нееднаквоста.
„Франција е европската земја во која минималната плата најмалку се зголемила во последните десет години. Сега станавме земја со ниски плати“, изјави генералната секретарка на синдикалната конфедерација ЦГТ, Софи Бине, за телевизијата ЛЦИ.
Бине побара зголемување не само на минималната плата, туку и на останатите примања, повикувајќи на итно отворање преговори за платите во сите компании и стопански гранки.
Синдикатот ЦФДТ, предводен од Маријлиз Леон, побара дополнително зголемување на минималната плата за 100 евра нето. Според неа, постои големо очекување за конкретен потег од владата.
Минималната плата во Франција автоматски се усогласува со инфлацијата, но последното дополнително зголемување надвор од редовниот механизам било во 2012 година.
Францускиот министер за односи со парламентот, Лоран Пануфис, најави дека е можна нова владина мерка за минималната плата, која министерот за економија Ролан Лескир би можел да ја објави во петок.
На протестите се приклучија и студенти, средношколци и припадници на движењето „Жолти елеци“. Според податоците што ги објави Министерството за внатрешни работи, до 13 часот биле регистрирани 270.000 учесници во 180 протестни поворки надвор од Париз. ЦГТ во истиот период пријави повеќе од 250.000 учесници во 73 градови.
Во Париз, главниот протестен марш започна во попладневните часови, а полицијата употреби солзавец во обид да спречи блокада на пристапот до средно училиште „Елен Буше“.
Штрајкот ги опфати и образованието, железницата, јавните болници и поштенските служби. Според Министерството за образование, околу 16 отсто од наставниците учествувале во штрајкот.