
Европската комисија е повикана да претстави предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидатки за ЕУ како и, меѓу другото, привилегиран пристап до внатрешниот пазар врз основа на нивниот значаен напредок во преговорите и поблиски врски со европските институции во секојдневниот процес на носење одлуки, се наведува во француско-германскиот нон-пејпер кој беше презентиран на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, а во кој „Нова.рс“ имаше увид.
Како што се наведува во документот насловен како „Нов замав за придонес кон проширувањето во пресрет на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан (5 јуни 2026 година) и самитот ЕУ-Молдавија (22 јуни 2026 година)“, „проширувањето останува една од најатрактивните понуди и највлијателните политички инструменти кои ги поседува Унијата“.
„Но, на политиката за проширување ѝ е потребен нов замав – претстојните самити што ЕУ ќе ги одржи со Западен Балкан (5 јуни) и со Молдавија (22 јуни) претставуваат можност што не смееме да ја пропуштиме. Нашата заедничка цел е да ја комплетираме Унијата како вистинска Европска Унија“, се наведува во документот.
Во прилог во целосниот текст од нон-пејперот:
„За да ја претвориме оваа тежнеење во реалност и да внесеме нова динамика, мораме да обезбедиме дополнителни поттикнувања како дел од процесот на интеграција заснован на заслуги и постепено да го поедноставиме тековниот процес за да го направиме поефикасен и да овозможиме побржа и подлабока интеграција во ЕУ врз основа на Копенхагенските критериуми. За таа цел, се стремиме кон нов пристап, ориентиран кон процесот, кој ги намалува премногу формализираните пречки за меѓучекорите и ја поедноставува моменталната методологија (преку спојување на некои процедурални чекори). Покрај тоа, со целосна согласност на државите членки, би требало да го унапредиме отворањето на сите релевантни преговарачки кластери онаму каде што Комисијата ќе го предложи тоа.
Работата на земјите кои сакаат да се приклучат во членството, на Комисијата и на Советот би требало да се фокусира на суштината на реформите, а не на процедуралните чекори. Редовните меѓувладини конференции би можеле подобро да се мобилизираат за да се осигура таквото политичко насочување. Дополнително, предлагаме претпристапна стратегија која содржи збир на алатки со систем од градежни блокови кои ефикасно ги приближуваат земјите кандидатки до ЕУ преку поструктурирана постепена интеграција, со што се обезбедуваат дополнителни поттикнувања за реформите.
Овие градежни блокови би требало да се надоврзуваат на напредокот постигнат во процесот на пристапување и да бидат реверзибилни (повратни) во случај на наззадување на соодветната земја кандидатка во нејзиниот процес на реформи и во поглед на основните вредности и принципи на ЕУ.
Иако секоја земја кандидатка би требало да има корист од прилагоден пристап, новиот пристап би понудил моментален и опиплив напредок за сите земји кандидатки. Целта за полноправно членство во ЕУ останува непроменета; нашата намера не е ниту да го замениме полноправното членство во ЕУ, ниту пак да го продолжиме патот кон него, туку напротив: сакаме да создадеме стимулации кои го поттикнуваат побрзиот напредок на тој пат.
На овој начин осигуруваме дека постепената интеграција придонесува за успешно проширување на ЕУ – зајакнувајќи ја ЕУ во целина. Ја повикуваме Комисијата да претстави предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидатки на нивниот пат кон пристапување во ЕУ. Ова би требало да опфати, меѓу другото, привилегиран пристап до внатрешниот пазар врз основа на нивниот значаен напредок во преговорите и поблиски врски со европските институции во секојдневниот процес на носење одлуки, на пример со доделување статус на прогресивен набљудувач на земјите кандидатки на состаноците на институциите на ЕУ, под услови кои ја почитуваат автономијата на процесот на носење одлуки во ЕУ.
Основни елементи за остварување на проширувањето:
Заеднички состаноци на Европската комисија / членовите на Европскиот парламент со претставниците на земјите од Западен Балкан и Молдавија (за секоја земја по двапати годишно).
Услов: Поднесено барање за членство.
Почести заеднички парламентарни комитети составени од членови на ЕП и национални пратеници од земјите на Западен Балкан и Молдавија.
Услов: Одобрување на Извештајот за исполнетоста на привремените мерила (ИБАР) + покана од Европскиот парламент.
Учество во одредени точки од дневниот ред на неформалните состаноци на Европскиот совет и на Советот. Учество во одредени точки од дневниот ред на Советот во својство на набљудувач без право на глас.
Услов: Затворање на релевантните поглавја во процесот на пристапување.
Учество во одредени точки од дневниот ред на состаноците на Советот за надворешни работи како набљудувачи без право на глас.
Услов: Привремено затворање на Поглавјето 31 (Заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика – ЗНБОП).
Унапредена соработка во областа на безбедноста и одбраната, вклучувајќи партнерства во областа на безбедноста и одбраната, проекти во рамките на ПЕСКО, унапредена соработка со Фронтекс, интеграција во Агенцијата на ЕУ за сајбер-безбедност и во системот за рано предупредување за сајбер-напади на ЕУ.
Услов: Исполнување на релевантните критериуми, односно + привремено затворање на Поглавјето 31 (ЗНБОП).
Учество во програмите и иницијативите на ЕУ, вклучувајќи ги: „Креативна Европа“ / „Дигитална Европа“, официјално приклучување кон програмата „Еразмус+“, понатамошна интеграција во програмата „Хоризонт Европа“, Програмата за искуство на младите, учество во механизмите за здружување на ЕУ за заеднички набавки, целосен пристап до Инструментот за техничка поддршка, како и зајакнување на инструментите Твининг и ТАИЕКС во соодветните области.
Услови: Исполнување на соодветните стандарди и барања.
Секторска интеграција во единствениот пазар во следните области: СЕПА (SEPA), „Роаминг како дома“, Транспортната заедница, Договорите за проценка на усогласеноста и прифаќањето на индустриските производи, пазарот на енергија, системот за трговија со емисии, зелените ленти, интеграција во политиките на ЕУ од 4 јуни 2026 година, конкурентност / индустриски стратегии / критични суровини, статус на овластен економски оператор (ОЕО), единствен дигитален пазар, сеопфатни договори за санитарни и фитосанитарни мерки, понатамошно намалување на нетарифните трговски бариери, како и изземање од одредени заштитни мерки (слично како државите од ЕЕП – Европскиот економски простор).
Услов: Исполнување на соодветните стандарди и барања и/или привремено затворање на релевантните преговарачки поглавја.
Полно учество на единствениот пазар врз основа на моделот Европски економски простор+ (ЕЕП+).
Услов: Усвојување и имплементација на правната тековина на ЕУ (acquis) во врска со кластерите од 1 до 5 и привремено затворање на релевантните преговарачки поглавја, без оглед на преодните периоди и заштитните мерки.