Францускиот претседател Емануел Макрон ја посети областа Жиронд, најтешко погодена од големите шумски пожари во југозападна Франција, каде се сретна со пожарникарите и службите за итни случаи. Тој им се заблагодари на сите што учествуваат во гаснењето на пожарите, како и на земјите што испратија помош, оценувајќи дека Франција се соочува со пожар од невидени размери.
Макрон изјави дека ситуацијата е најтешка од Втората светска војна наваму и предупреди дека сушниот период значително го зголемил ризикот од ширење на огнената стихија. Францускиот претседател порача дека следните денови ќе бидат уште потешки и нагласи дека е неопходна истрајност за справување со кризата. Тој најави дека властите ќе ги прилагодуваат расположивите сили според потребите на теренот, а како апсолутен приоритет ја истакна заштитата на човечките животи.
Макрон рече дека повеќе од 200 куќи изгореле во пожарите и вети државна помош за граѓаните кои останале без своите домови и имот. Тој додаде дека по завршувањето на сезоната на пожари Франција ќе започне обнова на шумите со видови дрвја прилагодени на климатските промени.
The post Франција се соочува со најтешките пожари од Втората светска војна appeared first on Скопско ЕХО.