Француските синдикати, организациите на младите и движењето „Жолти елеци“ повторно повикуваат на масовни протести ширум земјата во сабота, што е четврти последователен викенд на протести во Франција. Порано во текот на неделата беа организирани блокади и протестни акции, како и општ штрајк во четвртокот, во кој учествуваа повеќе од половина милион луѓе, според податоците на Министерството за внатрешни работи.

Синдикатот CGT процени дека во штрајкот учествувале речиси 1,6 милиони луѓе.

Се очекува повторно зголемено присуство на полицијата. Во текот на секој од изминатите три викенди беа распоредени околу 70.000 полицајци, по распространетото насилство и грабежи кои претходните недели ги следеа протестите.

Сè започна со студентските протести со кои се бараше подобрување на образовниот систем. Изминатите недели им се придружија стотици илјади луѓе, а меѓу главните причини за незадоволството се истакнуваат растот на цените, ниските плати и недоволните социјални надоместоци.

Како одговор на масовните протести, премиерот Себастиен Лекорну најави дека во понеделник ќе се одржи конференција со синдикатите и здруженијата на работодавачите на која ќе се разговара за куповната моќ на граѓаните и за платите.

Владата најави дека има намера да ја зголеми минималната плата. Исто така вети дополнително вработување во училиштата и зголемување на средствата за нивно финансирање.