Странските инвестиции се сметаат за клучен двигател на економскиот раст, иновациите и отворањето нови работни места. Кога компаниите отвораат нови локации, градат фабрики или основаат истражувачки центри, тие не само што носат капитал во земјата, туку создаваат и работни места и ги зајакнуваат локалните синџири на снабдување.

Како резултат на тоа, конкуренцијата за привлекување меѓународни инвеститори е засилена. Владите користат инвестициски поддршки, даночни олеснувања и меѓународни инвестициски форуми за да ги убедат компаниите да ги изберат нивните пазари.

На врвот на листата на европски земји кои привлекуваат најмногу пари од странство се наоѓа Франција, чија влада во последните години го постави ова како свој главен приоритет.

Претседателот Емануел Макрон изјави дека странските компании ветиле инвестиции во вредност од 93 милијарди евра, што Елисејската палата го опиша како рекордна бројка.

Според податоците од истражувањето „EY Europe Attractiveness Survey“, минатата година ширум Европа биле најавени 5.026 нови инвестициски проекти, при што EY ја дефинира Европа како географски регион, а не како Европска Унија. Оваа бројка, како што пренесува „Еуроњуз“, паднала за седум отсто во споредба со 2024 година, што е најниско ниво во последните 11 години.

Притоа, Франција има најавено 852 проекти финансирани со странски пари, што претставува пад од 17 отсто на годишно ниво.

Зад Франција се наоѓа Велика Британија, каде што се најавени 730 проекти, односно 14 отсто помалку во однос на претходната година. Трета е Германија со 548 проекти, што е најмалку од 2009 година.

Во споредба со 2019 година, бројот на инвестициски проекти во Германија паднал за 44 отсто, што е значително повеќе отколку во Франција (28 отсто) и во Британија (34 отсто).

Меѓу најуспешните во 2025 година беа Шпанија и Турција. Шпанија го зголеми бројот на инвестициски проекти за 20 отсто, достигнувајќи 383, со што се искачи на четвртото место. Турција следува со 376 проекти, што претставува раст од седум отсто.

Полска го продолжи својот нагорен тренд, забележувајќи 285 инвестициски проекти во 2025 година, што е зголемување за 10 отсто. Холандија исто така беше меѓу ретките земји кои забележаа раст, каде што бројот на проекти се зголеми за осум отсто, односно на 159.

САД останаа најголемиот извор на странски инвестициски проекти во Европа во 2025 година. Американските компании најавија 943 проекти ширум континентот, задржувајќи ја позицијата на водечки надворешен инвеститор во Европа.