Франција му забрани влез во земјата на радикалниот израелски министер за финансии Безалел Смотрич поради неговата поддршка за анексија на Западниот Брег, што го загрозува решението со две држави, пишува Политико.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ја потврди забраната во објава на мрежата „Х“, додавајќи дека Смотрич активно ја промовира анексијата на Западниот Брег, како и создавањето нови населби на Западниот Брег и повторната колонизација на Газа.

„Тоа е политика што огромното мнозинство од меѓународната заедница, цврсто посветена на решението со две држави, не може да ја прифати“, рече Баро.

Забраната следуваше откако Франција, Австралија, Канада, Нов Зеланд, Норвешка и Велика Британија, кои сега исто така му забранија влез на Смотрич на своите територии, објавија заедничко соопштение во кое најавуваат мерки против насилните доселеници.

Истовремено кога Франција воведе забрана за влез за Смотрич, за четворица лидери на организации на доселеници и за уште 21 лице, Велика Британија соопшти дека ќе воведе санкции против шест организации и едно лице вклучени во финансирање, овозможување и спроведување на насилството од страна на доселениците.

„Предолго насилните доселеници можеа да дејствуваат речиси неказнето, а ширењето на населбите и воспоставувањето нови пунктови продолжува со поддршка и овозможување од страна на Владата на Израел“, се наведува во заедничкото соопштение.

Израелското Министерство за надворешни работи ги осуди овие чекори во објава на мрежата „Х“, нарекувајќи ги срамни мерки и антиизраелски политики кои само придонесуваат за поттикнување на антисемитизмот.

Санкциите доаѓаат во момент кога односите меѓу Европа и Израел се на најниско ниво во последно време.

Многу од историските европски сојузници на Израел стануваат сè покритични кон забрзаниот процес на анексија на Западниот Брег и хуманитарната ситуација во Газа. Дури и германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, кои се вбројуваат меѓу најцврстите сојузници на Израел, во последните месеци зазедоа значително поостри ставови.

Франција, од друга страна, е меѓу најгласните критичари на Израел. Минатиот месец Париз му забрани влез во Франција на крајно десничарскиот израелски министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, откако беше снимен како им се исмева на активистите кои беа приведени од војници на брод со хуманитарна помош што пловеше кон Газа.