Франција би можела да остане без 3,2 милиони жители во периодот меѓу 2026 и 2070 година доколку продолжат сегашните демографски трендови, соопшти Националниот завод за статистика (INSEE). Оттаму додаваат дека миграцијата повеќе нема да може да го надомести природниот пад на населението од 2037 година па наваму.

Ова намалување на населението е „историско“, нагласи шефот на одделот за демографски и општествени студии во ИНСЕЕ, Лу Волф, на конференција за новинари.

Волф дополни дека, ако се исклучат воените периоди, во Франција нема пример за ваков голем пад на бројот на жители.

Според демографските проекции на ИНСЕЕ за Франција до 2070 година, се очекува населението благо да се зголеми меѓу 2026 и 2037 година, односно од 69,1 милион на 69,8 милиони, но овој раст би бил исклучиво резултат на миграцијата.

Потоа, ИНСЕЕ предвидува пад на бројот на жители, кој би се спуштил на 65,9 милиони во 2070 година, бидејќи миграцијата веќе нема да го покрива природниот пад. Намалувањето, пред сè, се должи на падот на наталитетот.

Од Заводот појаснуваат дека овие проекции не се дефинитивни прогнози, бидејќи параметрите врз кои се темелат можат да претрпат измени.