По повод „Розов октомври“ – месецот посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка, Форумот на жени при Општинската организација на СДСМ Струмица утре (сабота, 31 октомври), со почеток во 13:00 часот, на Цветното пазарче кај поранешен „Тинекс“ во Струмица, ќе организира настан посветен на женското здравје, поддршката и солидарноста.

Настанот ќе се одржи под мотото „Малите пораки создаваат големи промени“, а присутните ќе имаат можност да испратат пораки исполнети со љубов, надеж и поддршка до своите мајки, сестри, ќерки, пријателки и до сите жени на кои сакаат да им посветат убав збор.

Во рамките на настанот е предвиден и разговор за женското здравје, со посебен акцент на значењето на превентивните прегледи, раното откривање на ракот на дојка и важноста на редовната грижа за сопственото здравје.

На оваа тема ќе говори претседателот на ОО СДСМ Струмица, д-р Лазо Манев, специјалист радиолог, кој ќе се осврне на значењето на навремената дијагностика и превенцијата.

Преку оваа иницијатива, организаторите сакаат да ја истакнат важноста на меѓусебната поддршка, отворениот разговор и солидарноста, потсетувајќи дека грижата за женското здравје започнува со внимание, информираност и навремени прегледи.

„Малите пораки создаваат големи промени“ е пораката со која Форумот на жени при ОО СДСМ Струмица го најавува настанот, кој е дел од активностите посветени на одбележувањето на „Розов октомври“.

The post Форумот на жени на СДСМ Струмица утре организира настан посветен на женското здравје и борбата против ракот на дојка appeared first on Radio StrumicaNet.