Форумот на жени при Општинската организација на СДСМ во Струмица вчера го одбележа „Розовиот Октомври“, месецот посветен на подигање на свеста за ракот на дојка, со активност насочена кон женското здравје, превенцијата и меѓусебната поддршка.
Во рамките на настанот, организаторките испратија пораки со љубов, надеж и охрабрување до мајките, сестрите, ќерките, пријателките и сите жени, потсетувајќи дека вниманието и топлиот збор можат да бидат значајна поддршка.
За важноста на редовните превентивни прегледи, раното откривање на ракот на дојка и навремената грижа за здравјето се разговараше и со претседателот на ОО на СДСМ Струмица, д-р Лазо Манев, специјалист радиолог.
Претседателката на Форумот на жени при ОО на СДСМ Струмица, Танкица Трендова, истакна дека годинава одлучиле „Розовиот Октомври“ да го одбележат на поинаков начин, преку непосредна комуникација со граѓаните.
„Овој Розов Октомври одлучивме да го одбележиме на малку поинаков начин, да излеземе меѓу граѓаните и директно да разговараме за важноста на превенцијата. Сметаме дека за здравјето на жените не треба да зборуваме само на трибини и организирани предавања, туку и во нашето секојдневие. Со денешната активност сакаме да ги поттикнеме жените да одвојат време за себе, за редовни прегледи и навремена грижа за своето здравје“, изјави Трендова.
Таа нагласи дека грижата за здравјето не треба да биде ограничена само на октомври, туку да претставува постојана обврска во текот на целата година.
„Розовиот Октомври трае еден месец, но грижата за здравјето треба да трае цела година. И еве една порака од нас: Зад секоја силна жена стои потреба некој да ѝ каже: „Чувај се“, порача Трендова.
Настанот заврши со пораки за солидарност, свесност и меѓусебна поддршка, со акцент на значењето на превенцијата и навременото откривање на ракот на дојка. /Р.Ѓ./
The post Форумот на жени на СДСМ Струмица го одбележа „Розовиот Октомври“ со пораки за поддршка и важноста на превенцијата appeared first on Radio StrumicaNet.