
Германскиот гигант Фолксваген до крајот на годината ќе ја намали работната сила во Германија за 19.000 луѓе, соопшти денеска извршниот директор на таа компанија, Оливер Блуме.
Според неговите зборови во писмото до акционерите, Фолксваген веќе договорил заминување на повеќе од 28.000 вработени до крајот на 2030 година, пренесува Ханделсблат.
Трошоците за производство во германските погони се намалени за повеќе од 20 отсто, при што веќе се остварени одржливи заштеди од околу една милијарда евра, напомена Блуме.
Компанијата на крајот од 2024 година постигна договор со претставниците на вработените за укинување на вкупно 35.000 работни места до крајот на деценијата.
Сега компанијата цели кон годишни нето заштеди од шест милијарди евра до крајот на деценијата.
И покрај напредокот во намалувањето на трошоците, Фолксваген и понатаму се соочува со силни надворешни притисоци, додаде Блуме.
Како што наведе тој, царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп ја чинат компанијата директно и индиректно околу пет милијарди евра годишно.
Посебно е погоден брендот „Ауди“, кој нема сопствено производство во САД и поради тоа зависи од увоз на возила од Европа и Мексико.