
Протестите, кои влегоа во својот деветти ден, го добија името „фламинго револуција“ поради живеалиштата на овие птици на локацијата предвидена за градба. Сè започна кон крајот на април кога беше ограден дел од брегот во Звернец, близу Валона, кој, заедно со островот Сазан, треба да стане луксузен ресорт. Позади проектот стои Афинити партнерс, инвестициската фирма на Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.
Граѓаните се гневни бидејќи вредно земјиште им се дава на странски инвеститори без никакви јавни консултации и студии за влијанието врз животната средина. Поради измените на законот за заштитени подрачја реагираше и Европската комисија, предупредувајќи ја Албанија дека ваквите потези сериозно го загрозуваат нејзиниот пат кон Европската Унија, додека обвинителите за корупција отворија истрага за сопственоста над земјиштето.
Наместо да ги смири тензиите со демонстрантите кои секоја ноќ го блокираат главниот булевар во Тирана барајќи ја неговата оставка, Еди Рама во интервју за Политико изјави дека Иран е вмешан во „хибридна војна“ и ширење дезинформации за проектот на компанијата на Кушнер.
Во жесток јавен истап, Рама директно му се обрати на Техеран, потсетувајќи на претходните кибернетички напади врз Албанија.
„Зарем одеднаш се загриживте за албанскиот народ? Истиот оној народ чии институции и дигитална инфраструктура се обидовте да ги осакатите со кибер-тероризам? Не можете да ѝ простите на Албанија за она што го прават Албанците: ги отвораат своите врати за луѓето кои бегаат од прогон“, порача Рама, алудирајќи на иранските дисиденти на кои Тирана им пружи засолниште.
Албанскиот премиер ги нарече иранските власти „средновековна теократија“, порачувајќи им дека историјата нема милост кон оние кои водат војна против слободата на сопствениот народ. „Можете да хакирате мрежи, да затворате критичари и да им се заканувате на соседите, но од реалноста не можете да избегате. Албанија никогаш нема да се повлече и никогаш нема да биде застрашена“, додаде тој.
Одговорот од Техеран пристигна експресно. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, го нарече истапот на Рама како чиста бесмислица.
„Наместо да одговорат на легитимните и логични барања на сопствениот народ, албанските власти претпочитаат да ја затворат темата со вакви смешни обвинувања против Иран. Албанците се премногу паметни за да поверуваат во такви тврдења“, рече Багаи.
Тој потоа цинично се осврна на самиот назив на протестите, „фламинго револуција“.
„Веројатно наскоро ќе кажат и дека тие фламинга всушност се ирански тајни агенти“, се пошегува Багаи, додавајќи дека Рама со ваквите обвинувања веројатно само се обидува да присобере поени кај Израел.
Додека демонстрантите не попуштаат и бараат итно поништување на проектот и укинување на спорните закони, Рама делува целосно незагрижено, па дури и провокативно.
Во ек на најголемите протести во земјата, премиерот на своите социјални мрежи сподели неколку „омилени“ транспаренти од протестите, а потоа ја шокираше јавноста со објавување на ВИ-генерирано видео (видео направено со вештачка интелигенција). На снимката Рама е прикажан во кожна мини-сукна и топ, како глуми инфлуенсер кој се јавува директно од протестите.
„Кој и да го направил ова, секоја му чест“, напиша Рама во описот на видеото, додавајќи емотикони кои плачат од смеење.