Финската армија денеска затвори дел од воздушниот простор долж јужниот брег на земјата, близу границата со Русија, поради опасност од залутани дронови. Ограничувањето е воведено и за поморскиот сообраќај, објавија финските одбранбени сили, пишува „Ројтерс“.

Според зборовите на портпаролот на финската армија, мерката е воведена од безбедносни причини. Финска не објави дека дронови влегле во нејзиниот воздушен простор, туку дека постои ризик од залутани летала.

Одлуката доаѓа во момент на зголемени тензии на источното крило на НАТО. Романија последниве денови повеќепати креваше борбени авиони поради дронови кои влегоа во нејзиниот воздушен простор, а еден Ф-16 во неделата над Црното Море сруши руски дрон. Романскиот претседател Никушор Дан ги нарече тие упади „неприфатливи и неподносливи“.

Романија е членка на НАТО и дели долга граница со Украина. Од почетокот на руската инвазија забележа бројни упади на дронови, особено по руските напади врз украинските пристаништа на Дунав. Руските дронови околу 30 пати го нарушиле романскиот воздушен простор од почетокот на војната.

Финска влезе во НАТО по почетокот на руската инвазија врз Украина и дели долга граница со Русија. Денешното затворање на дел од воздушниот и морскиот простор покажува дека ризикот од залутани дронови повеќе не се однесува само на подрачјето околу Црното Море, туку и на северот на Европа.