Поранешниот Министерот за правда од редовите на ЗНАМ, Игор Филков оцени дека извештајот на Европската комисија за 2026 година претставува потврда за реформите што ги спроведувале Министерството за правда и движењето ЗНАМ во изминатите две години. На прес-конференција тој истакна дека во овој период биле подготвени вкупно 33 закони, со кои, како што рече, биле поставени темелите за системски промени во правосудството. Според Филков, позитивните оценки од Брисел се признание за досегашната работа и исполнувањето на преземените обврски.

„Извештајот на Европската комисија за 2026 година е јасна потврда дека политиките што ЗНАМ ги спроведуваше во Министерството за правда во изминатите две години беа исправни, а реформите што ги започнавме и реализиравме даваат конкретни резултати. Она што за некого беа само ветувања, за нас беше обврска. Она што го ветивме пред граѓаните, го преточивме во конкретни реформи“, изјави Филков.

Како особено значајни резултати, министерот ги издвои новите закони за Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, за кои Европската комисија оценила дека ги вградуваат препораките на Венецијанската комисија. Позитивно бил оценет и Законот за парничната постапка, со кој по повеќе од две децении се обновува важна процесна законска рамка. Филков посочи и на напредокот во спроведувањето на Развојната секторска стратегија за реформа на правосудството, при што реализацијата на планираните активности се зголемила од 42,9 проценти во 2024 година на 56,9 проценти во 2025 година.

„Во текот на мојот двегодишен мандат, заедно со тимот во Министерството за правда, подготвивме вкупно 33 закони. Пет од нив се веќе донесени, два се во собраниска процедура, десет во владина процедура, а останатите се објавени на ЕНЕР или се финализирани. Зад овие 33 закони стојат илјадници часови работа, стручни анализи, јавни дебати, консултации со домашни и меѓународни експерти и усогласувања со европски и меѓународни стандарди“, нагласи министерот.

Осврнувајќи се на забелешките во извештајот на Европската комисија, Филков ги посочи борбата против корупцијата, недоволните финансиски и човечки ресурси, независноста на правосудните институции и ефикасноста на судските постапки. Тој оцени дека овие предизвици бараат ангажман од сите надлежни институции, вклучително и судовите, обвинителствата, Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Посебно ја истакна важноста на Поглавјето 23, кое го опфаќа владеењето на правото и претставува една од основите на пристапните преговори со Европската Унија.

„Сакам да нагласам дека донесувањето на овие закони, како и подготовката на останатите, не беше само прашање на исполнување на чекори од Реформската агенда. Целта беше и вистинска промена во функционирањето на правосудството во целост. Нешто што не било направено со децении!“, рече Филков.

Меѓу законските решенија кои сè уште треба да бидат усвоени, министерот ги наведе законите за спречување на корупцијата и судирот на интереси, за јавното обвинителство, судскиот буџет, судовите, кривичната постапка, Академијата за судии и јавни обвинители, како и новиот Кривичен законик. Тој изрази очекување дека овие закони ќе бидат донесени без непотребни одложувања и дека нивната примена ќе придонесе за понатамошно унапредување на правосудниот систем.

„Поставивме важни темели, но за постигнување на крајната цел – независно, ефикасно и праведно судство – неопходно е да се задржи континуитетот, да се донесат преостанатите подготвени закони и доследно да се спроведе започнатото. За да бидат завршени реформите во интерес на граѓаните, мора активно да се вклучат сите засегнати чинители и страни“, порача Филков.