Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, преку објава на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) упати остри критики кон власта по повод наодите во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на државата за 2026 година, оценувајќи дека состојбата во земјата драстично се влошува.

Според претседателот на опозициската партија, европскиот извештај нотира нула напредок во клучните области како што се борбата против корупцијата, слободата на изразување и јавните набавки. Тој предупредува дека правосудниот систем се наоѓа под „политичка опсада“ и е оставен без неопходните финансиски средства.

„Четириесет тужби против новинари – тројно повеќе од лани. Медиумите се под притисок, а земјоделството е пред колапс“, посочува Филипче, осврнувајќи се на конкретните забелешки.

Филипче директно ја обвини актуелната власт за ваквата слика, нагласувајќи дека таа го заробила судството, го задушила медиумскиот простор и целосно ја оставила корупцијата недопрена.

„Сè оди надолу. Како да биде кога мафија владее со земјата?“, заклучува Филипче во својата реакција на социјалните мрежи.