
По случајот со затворањето на Алта Банка во Србија, која е сопственик на Алта банка Битола, пратеникот и претседател на СДСМ, Венко Филипче, на прашањето на „Локално“ дали очекува политичка криза доколку се докаже дека институциите потфрлиле во заштита на граѓаните во случајот, рече дека нема поголема политичка криза од осамостојувањето на земјата.
-Прво од 1991 година досега немало поголема политичка криза, од владеењето на Христијан Мицкоски. И од име на партијата и јас лично говорам од 2024 година и постојано укажуваме дека станува збор за една криминална група која е заинтересирана само за себе, која ја загрозува финансиската стабилност на земјата, европскиот пат, стандардот на граѓаните во име на некаков лажен патриотизам. Зошто!? За да може да краде пари. Еве сега се докажува се повеќе и повеќе. Нема поголема криза, ниту имало во Македонија откако е на власт Христијан Мицкоски и неговата банда. Да знаат дека ќе одговараат, изјави Филипче за „Локално“.
Тој на денешната прес-конференција рече дека пратеничката група на СДСМ во Собранието ќе покрене иницијатива за оддржување на надзорна расправа, како и интерпелација на гувернерот Трајко Славески.
-Ќе побараме надзорна расправа за да видиме каква е ситуацијата. И интерпеација за гувернерот, кој ги остави луѓето без своите средства, луѓе кои животната заштеда ја вложиле во Стопанска банка Битола и сега во Алата банка се поставува прашањето дали ќе стигнат да си ги земат, кажа Филипче.
Тој додаде дека по вчерашниот прес на гувернерот, граѓаните кои имаат сметки во оваа банка може да подигнат околу 150 евра неделно.
-Денес експозитурите на работат, а на граѓаните не им даваат ниту средства од картичките на банкомат. Како граѓаните ќе си ги повлечат парите!? Зошто гувернерот кажа дека имаат обврска да ги вратат кредитите, а не може да си подигаат свои пари. Со кои пари да вратат кредит, што ако кредитот е депозитарен, па чекаат пари од банката за да ги вратар. Единаесет илјади пензионери земаат пари од Алта Банка, како ќе си ги земат пензиите, како младите луѓе ќе си ги подигнат средствата, кажа Филипче.
Тој рече дека премиерот и гувернерот треба да одговорат дали се испочитувани сите процедури за Алта банка да влезе во земјата и дали знаат дека една европска земја ѝ забранила таму да купи нивна банка. Според Филипче, премиерот и гувернерот треба да одговорат и дали е направена проверка на потекло на парите од Алта банка и дали всушност преку неа се слевале пари од Русија.
Тој кажа дека Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски треба да одговорат дали сопственикот на сега затворената Алта банка Србија, Давор Мацура бил во Македонија.
-Стравуваме дека ова ќе има домино-ефект и во други банки, бидејќи граѓани кои немаат сметка во Алта банка од сабајле ни јавуваат дека ги проверуваат своите депозити и достапноста на средствата, изјави Филипче.
За време на прес-коференцијата стигна и информацијата дека Мацура е уапсен во Белград и дека се сомничи дека изнел 45 милијарди динари од Трезорот на Србија.
Е.Б.