ВМРО-ДПМНЕ обвини дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, е „најгласниот адвокат на бугарските барања во Македонија“ и дека наместо решенија за државата нуди нови отстапки кои, според партијата, отвораат простор за дополнителни условувања.Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче и СДСМ ги ставаат туѓите интереси пред македонските и дека се фокусирани на внесување на Бугарите во Уставот.„Венко Филипче е опседнат со внесување на Бугарите во Уставот, што покажува дека за СДС нема црвени линии кога се во прашање националните интереси и достоинството на државата“, соопштија од партијата.Според ВМРО-ДПМНЕ, додека Владата работи на привлекување инвестиции, отворање нови можности и подобрување на животниот стандард, СДСМ нуди политики на „капитулација, сервилност и исполнување на туѓи агенди“.Од партијата оценуваат дека внесувањето на Бугарите во Уставот не претставува завршување на барањата од Софија, туку почеток на нова серија условувања кон Македонија.„На граѓаните одамна им е јасно дека внесувањето на Бугарите во Уставот не е крај на барањата, туку почеток на нова серија уцени“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.Во реакцијата се додава дека Македонија има потреба од политичари кои ќе ги штитат државните интереси, идентитетот и јазикот без отстапки и политички калкулации.Од владејачката партија тврдат дека граѓаните даваат силна поддршка за нивните политики и за, како што велат, достоинствениот пристап кон евроинтеграциите на државата.