Лидерот на СДСМ, Венко Филипче порача дека министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска треба да си поднесе оставка, бидејќи, како што вели, лаже за Алта банка. Филипче бара од ОЈО веднаш да отвори истрага за неа и премиерот Христијан Мицкоски, да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка.

„Не само што била информирана, туку Владата на Мицкоски токму на предлог на Кочовска носела Заклучоци директно поврзани со понудата за преземање акции од страна на Алта Банка АД Белград на 16 јавни институции.

Еве го Записникот. Седницата на Владата од 23 септември 2025 година. Владата им укажувала да дадат писмена изјава за прифаќање/одбивање на понудата на „Алта банка“. Дали ова значи дека биле во директна комуникација со Давор Мацура и му овозможувале да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата?

Срам сте! Ќе одговарате“, нагласи претседателот на СДСМ.

Министерката за финансии негира каква било вклученост на нејзиниот ресор во процесот за преземање на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка.

„Ниту знаевме дека Алта банка е во преговори за влез, ниту кои други пројавиле интерес“, нагласи Кочоска, објави Телма.

Кочоска негира дека била меѓу оние со кои гувернерот на Народната банка Славевски се консултирал за влез на оваа банка на македонски пазар и за преземањето на Стопанска Битола.