
Членките на НАТО имаат недостиг од околу седум милијарди евра за да го исполнат ветувањето за 70 милијарди евра воена помош за Украина за оваа година, а до крајот на годината останаа помалку од два месеца, пишува „Политико“ (Politico).
Сојузниците на самитот во Анкара во јули се обврзаа дека ќе ѝ дадат на Украина 70 милијарди евра воена помош за оваа година, а истиот износ и во 2027 година. Во тој износ се вбројуваат билатералните придонеси во текот на годината и 30 милијарди евра од кредитот на Европската унија за Украина во вредност од 90 милијарди евра.
„Политико“ пишува дека не е јасно од каде точно доаѓа недостигот. Сепак, тоа би можело да му ја отежне на Киев набавката на опрема за одбрана од руските ракети и дронови во текот на зимата.
Сè уште се очекуваат нови обврски од сојузниците, но не се исклучува можноста целта за оваа година да не биде исполнета.
Киев ги повикува сојузниците на поголема помош поради руските воздушни напади. Оваа недела во напад на училиште, според наводите, убиени се повеќе од 40 луѓе.
За начините на зголемување на финансирањето и испораките на оружје за Украина, европските престолнини треба да разговараат на 17 ноември, кога во седиштето на НАТО се состанува Контакт-групата за одбрана на Украина.
Од НАТО за „Политико“ порачаа дека сојузниците и понатаму пружаат неопходна воена поддршка за Украина и додадоа дека работат на тоа Украина да ја добие потребната помош сега и во иднина.
Украинската амбасадорка при НАТО, Алјона Гетманчук, во четвртокот на затворен состанок со сојузниците ја нагласи важноста од исполнувањето на ветувањата од Анкара, се наведува во соопштението на украинската мисија. Мисијата повикува на мобилизација на сите партнери и побрзо носење одлуки и бара најавените обврски да се претворат во конкретни испораки на опрема или уплати.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, неодамна во Талин порача дека сојузниците мора да сторат повеќе, особено кога станува збор за противвоздушната одбрана. Како причини ги наведе доаѓањето на зимата и продолжувањето на руската агресија.
По враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, САД ја прекинаа речиси целата нова помош за Украина, па товарот премина врз европските земји. Германија, Холандија и нордиските земји досега даваа најмногу и повеќе пати ги повикаа останатите да ги зголемат придонесите.
Во недостигот се вклучени и 1,9 милијарди долари за неплатени испораки преку програмата PURL. Преку таа програма европските сојузници купуваат американско оружје за Украина, како што се пресретнувачите за системите „Патриот“ (Patriot).
Сојузниците се сомневаат и дека годинава ќе ја остварат целта на Руте од 15 милијарди долари за PURL. Според украинската мисија, на програмата досега придонеле 29 сојузници, а од нејзиното лансирање во 2025 година се собрани околу девет милијарди долари.