Европа не е подготвена за подолги и поекстремни пожарни сезони, предупредува Џон Боаг, извршен директор на португалскиот Авинцис, најголемата европска компанија за воздухопловни услуги во кризни ситуации, истакнувајќи го хроничниот недостаток од противпожарни летала.

Европскиот недостаток од противпожарни авиони и искусни пилоти дополнително го влошуваат подолгите пожарни сезони и бирократските пречки, тврди шефот на Авинцис во интервју за Ројтерс (Reuters). „Ширум светот пожарните сезони се сè подолги, леталата не се преместуваат од регион во регион, а сè потешко е и да се најдат пилоти“, истакнува Боаг, кој својата летачка кариера ја започнал во 1985 година во хеликоптер Бел 47, гонејќи големи стада добиток во зафрлените делови на Австралија.

Предупредувањето на Боаг за недоволните европски капацитети временски се совпадна со најлошите шумски пожари во историјата на Франција и Шпанија.

Според Авинцис, Европа е во проблеми и затоа што противпожарната сезона се продолжи за неколку месеци, што значи и пократок период за „преместување“ на противпожарните капацитети и ограничени капацитети за гаснење. „Порано врвот на летната (пожарна) сезона траеше три или четири месеци… Сега авионите почнуваат со гаснење во март и април и продолжуваат сè до октомври“, објаснува шефот на Авинцис.

Влажните зими само го влошуваат проблемот бидејќи го поттикнуваат растот на вегетацијата која подоцна може да се претвори во „погонско гориво“ за пожарот, а исто толку загрижува и нивното ширење кон северот на Стариот Континент. „Сега дојдовме до тоа државите да мора да ги покриваат трошоците за авионите достапни во текот на 12-месечен период бидејќи комерцијалните компании не можат да одат на југ (на јужната хемисфера) и да ги пополнат приходите надвор од сезоната“, рече Боаг.

Авинцис има флота од 180 хеликоптери и 40 авиони ширум светот, вклучувајќи и 22 канадери. Во Шпанија и Португалија користат 47 летала, а од почетокот на годината забележале повеќе од пет илјади часови летање во противпожарни акции, што е повеќе од двојно во споредба со истиот период од 2025 година.

Европа веќе заеднички купи 22 канадери од де Хавиланд Канада со седиште во Торонто. Канадската компанија подготвува нов модел по десет години пауза во производството, но првиот клиент, Грција, ќе го добие дури во 2028 година, потсетува Ројтерс.

Канадерите всушност и немаат алтернатива.

Во гаснењето на пожарите во Франција се вклучи и воениот авион на Ербас A400M (Airbus A400M), исфрлајќи 20 тони ретарданти. Бројни компании минатата недела на саемот во Фарнборо ги претставија можните варијанти на противпожарни авиони, вклучувајќи го и кинескиот Комак. Францускиот стартап HYNAERO пак започна со проектирање на хидроавион, со планирано завршување на проектот во 2032 година.

Гаснењето пожари е барателен процес кој опфаќа ниско и прецизно летање во непредвидливи воздушни струи. Експертите велат дека на Европа ѝ недостасуваат искусни пилоти и техничари. Боаг упатува критичка стрела кон европските прописи според кои и воените и пилотите од странство, доколку сакаат да управуваат со противпожарни летала, мора да полагаат испит од цивилното воздухопловство.

„Потребно ни е решение кое ќе овозможи луѓето брзо да ги доведеме во Европа, без бирократија“, рече Боаг, истакнувајќи дека аеродинамиката на хеликоптерот е иста и во војската и во цивилниот свет. Од Агенцијата на Европската Унија за безбедност на воздушниот сообраќај веднаш не сакаа за Ројтерс да ги коментираат прописите за издавање пилотски дозволи.