
Европа ѝ се приближува на зимската сезона со резерви на природен гас кои се на најниско ниво во последните пет години, додека судирите на Блискиот Исток и ограниченото снабдување со течен природен гас (ЛНГ) го зголемуваат ризикот од нови ценовни шокови.
Податоците на пазарните аналитичари покажуваат дека европските складишта за природен гас во моментов се исполнети околу 55 проценти, што е најниско ниво за овој период од годината од 2021 година, се наведува во анализата на „Ројтерс“.
Моменталното ниво на залихи не значи непосредна опасност од недостиг, но пониското ниво на резерви ќе ја зголеми зависноста на Европа од временските услови и од стабилноста на меѓународниот пазар, се додава во анализата.
По почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, Европа брзо го намали потпирањето врз рускиот гас од гасоводите и стана еден од најголемите светски увозници на течен природен гас (ЛНГ), што создаде нови предизвици, бидејќи сега мора да се натпреварува со Азија за ограничените количини гас на глобалниот пазар.
По ескалацијата на судирот меѓу САД и Иран, европскиот увоз на течен природен гас забави, додека Азија ѝ се врати на поагресивната купувачка активност.
Според пазарните податоци, европскиот увоз на ЛНГ во јули би можел да падне на околу 6,3 милиони тони, што е најниско ниво од септември 2024 година.
Посебна загриженост предизвикува ситуацијата со Катар, еден од најголемите светски извозници на течен природен гас.
Таа земја пред кризата учествуваше со приближно една петтина од глобалната понуда на течен природен гас, па секое нарушување во Ормускиот теснец би можело дополнително да ги отежне испораките.
Европа, меѓутоа, не се соочува само со проблемот со гасот, бидејќи сè поголем предизвик претставува и пазарот на дизел, кој е важен за транспортот, индустријата и греењето.
Залихите на дизел во Европа паднаа на најниското ниво од 2022 година, додека нарушувањата на Блискиот Исток ја намалија достапноста на увозот.
Ако зимата биде блага, Европа ќе успее да избегне посериозни проблеми, но подолг период на студено време значително би ја зголемил потрошувачката и би создал притисок врз енергетскиот систем, се заклучува во анализата.