
Повикувајќи се на истражување на 43 важни национални пазари, ПвЦ (PwC) процени дека во првата половина од годината на тие пазари се регистрирани околу 6,6 милиони целосно електрични возила (БЕВ).
Тоа претставува раст од девет отсто во споредба со истиот период минатата година, но е значително поспоро во споредба со првото полугодие од 2025 година, кога продажбата порасна за повеќе од една третина, како и со целата мината година, кога растот беше нешто помал од 30 отсто.
Главна кочница на продажбата е Кина, најголемиот пазар во светот, каде што во првото полугодие се регистрирани нешто помалку од 3,6 милиони електрични возила, што е пад од пет отсто, наведува ПвЦ. Сепак, во вториот квартал е забележано благо заздравување и враќање на растот, пренесува ДПА.
Во Кина истовремено падна комплетниот пазар на автомобили, додека електричните возила сочинуваа дури 44 отсто од сите нови регистрации.
Продажбата на целосно електрични автомобили значително ослабе и во Соединетите Американски Држави, каде што се регистрирани околу 460.000 нови БЕВ возила, што е за 22 отсто помалку отколку во првото полугодие од 2025 година. Нивниот пазарен удел изнесуваше шест отсто.
За разлика од Кина и САД, трендот во Европа оди во спротивна насока.
Во Европската Унија, Велика Британија, Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн регистрирани се речиси 1,6 милиони нови електрични автомобили, односно 33 отсто повеќе отколку една година порано.
Пазарниот удел на електричните возила достигна 22 отсто, а посебно силен раст е забележан во Франција, Италија и Германија, која повторно стана најголем поединечен пазар на електрични автомобили во Европа.
„Движењето на цената на нафтата беше катализатор за ширењето на електромобилноста“, рече Харалд Вимер од ПвЦ.
Меѓутоа, според неговите зборови, клучниот двигател е пред сè технолошката зрелост на новата генерација модели, кои нудат поголем домет, поконкурентни цени и пониски трошоци за експлоатација.
„Тоа трајно ја менува пазарната логика“, оцени Вимер.