Европа собори рекорд во повлекувањето гас од подземните складишта, соопшти денеска рускиот енергетски гигант „Гаспром“.

Според податоците на организацијата „Гас инфраструктура Европа“ (Gas Infrastructure Europe), од подземните складишта на 6 ноември е повлечена рекордна количина гас за тој датум – за 23,9 отсто, односно 83 милиони кубни метри повеќе од претходниот дневен максимум, наведе „Гаспром“, а пренесуваат „РИА Новости“.

Компанијата истакна дека попунетоста на складиштата за гас во Германија, која располага со најголеми складишни капацитети во Европската унија, паднала под 60 отсто, што е, како што наведе, исклучителна ситуација за првата недела од ноември од почетокот на мерењата.

„Гаспром“ претходно соопшти дека заладувањето во Европа ја продолжува низата рекордни повлекувања гас од подземните складишта. Историски максимуми се забележани на 28 и 29 октомври, како и на 1, 2, 4 и 5 ноември.

Компанијата предупреди дека високите стапки на повлекување гас од европските складишта го забрзуваат трошењето на залихите и ги зголемуваат ризиците по сигурното снабдување на потрошувачите во текот на зимата.

Попунетоста на складиштата на континентот на почетокот на сезоната на повлекување изнесувала 74,9 отсто, што е најниско ниво забележано во историјата.

Истовремено, цената на гасот расте, па берзанските цени минатиот петок надминаа 1.200 долари за 1.000 кубни метри, за првпат од 20 декември 2022 година.

На ситуацијата, покрај конфликтот на Блискиот Исток, влијае и одлуката на Советот на ЕУ за постепено укинување на увозот на руски енергенси.

Од јануари 2027 година во ЕУ ќе бидат забранети испоруките на руски течен природен гас (ЛНГ) по долгорочни договори, додека забраната за гасоводниот гас ќе стапи на сила во ноември.

Мерките за краткорочните договори веќе стапија на сила.