Зградите на ирскиот јавен сервис РТЕ (RTE) во Даблин денеска беа евакуирани по дојавата за поставена бомба, која беше испратена преку електронска пошта до таа медиумска куќа, како и до десетици други медиуми во Ирска и Голема Британија.

Вработените и водителите беа евакуирани од објектите во комплексот Донибрук, а припадниците на ирската полиција (Гарда) се наоѓаат на лице место и ги пребаруваат зградите.

РТЕ од претпазливост премина на емитување однапред снимена програма.

Во соопштението на полицијата е наведено дека властите се запознаени со заканите упатени до медиумските организации во Ирска и во други европски земји и дека е покрената истрага.

Полицијата соопшти дека е во контакт со ирските медиумски куќи и дека сите закани ќе бидат испитани.

Според соопштението на РТЕ, заканата најверојатно потекнува од лицата што стојат зад низата лажни дојави за бомби, поради кои вчера беа погодени најмалку 27 летови низ цела Европа, како и поради дополнителните тревоги претходно во текот на неделата.

Меѓу летовите погодени од дојавите беа и одделни летови на авиокомпаниите „Аер Лингус“ (Aer Lingus) и „Рајанер“ (Ryanair).

РТЕ соопшти дека безбедноста на вработените и соработниците е на прво место и дека редовната програма ќе продолжи по консултациите со полицијата.