
Европската комисија соопшти дека е прерано да се утврди дали низата дојави за поставени бомби до авиокомпаниите е меѓусебно поврзана или, пак, станува збор за координирани хибридни и сајбер-напади.
Европскиот комесар за транспорт, Апостолос Ѕиѕикостас, изјави дека Брисел и Европската агенција за безбедност во воздухопловството внимателно ја следат ситуацијата и дека се во контакт со засегнатите земји членки на Унијата, пренесува порталот „Репортер“.
„Одговорноста за проценка на безбедносната закана, за истЕУрагата на инцидентот и за спроведувањето соодветни безбедносни мерки лежи првенствено на релевантните национални власти и на нивната соработка со операторите на аеродромите, со авиокомпаниите и со безбедносните сили“, нагласи Апостолос Ѕиѕикостас на неформалниот состанок во Даблин.
Според неговите зборови, прерано е да се извлекуваат заклучоци за тоа дали инцидентите се поврзани, бидејќи истрагите на национално ниво се во тек.
Тој нагласи дека е активиран механизмот за размена на информации на ниво на ЕУ и дека сè уште нема информации оти станува збор за сајбер-напад.
Денеска беше упатена низа дојави за поставени бомби до голем број европски авиокомпании – од Ирска и Србија, па сè до Бугарија – при што најмалку 27 авиони вонредно слетаа или беа под придружба на борбени авиони.
Ова е трет ден по ред како се испраќаат масовни лажни дојави за бомби насочени кон нискобуџетните авиокомпании со летови низ цела Европа.