Земјите членки на Европската Унија денеска се согласија да воведат трајни безбедносни ограничувања за присуството на токсинот цереулид во храната наменета за доенчиња, по големиот скандал со контаминирани производи што доведе до повлекување на бројни производи од европскиот пазар.

Како што објави „Еуропа прес“, мерката е предложена од Европската комисија, а е одобрена од земјите членки на Унијата. Таа се однесува на почетните формули за доенчиња, формулите за продолжена исхрана, како и храната за бебиња со посебни медицински потреби.
Според новите правила, максималната дозволена вредност на цереулидот во сувите производи ќе изнесува 0,1 микрограм на килограм. За течните производи ќе се применува соодветно приспособена гранична вредност, во зависност од факторот на разредување наведен од производителот.
Одлуката следува по серијата повлекувања на производи од пазарот меѓу декември 2025 и април 2026 година. Контаминацијата била поврзана со употреба на масло со арахидонска киселина увезено од Кина, кое се користело како состојка во производството на храната за бебиња.

Цереулидот е токсин што го произведуваат одредени видови на бактеријата Bacillus cereus. Може да предизвика повраќање и сериозни гастроинтестинални проблеми, а особено е опасен за доенчињата. Дополнителен проблем е неговата отпорност на вообичаените термички обработки, вклучително и пастеризацијата и стерилизацијата.
Според Европската комисија, новите гранични вредности се утврдени врз основа на научна процена на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА).

Регулативата ќе стапи во сила 20 дена по нејзиното објавување во Службениот весник на Европската Унија. Потоа, утврдените критериуми ќе претставуваат основа за контролите што ќе ги спроведуваат производителите и надлежните национални институции.