Европската комисија го одобри, под одредени услови, преземањето на компанијата „Ворнер брос дискавери“ (Warner Bros Discovery) од страна на медиумскиот гигант „Парамаунт скајденс“ (Paramount Skydance) во зделка вредна 110 милијарди американски долари (околу 94 милијарди евра).

Со тоа е отстранета една од најголемите регулаторни пречки за оваа медиумска трансакција, пренесува „Ројтерс“.

Европската комисија соопшти дека одобрението е условено со тоа „Парамаунт“ во рок од 13 месеци по заклучувањето на трансакцијата да излезе од заедничкото претпријатие „Јунајтед интернешнал пикчерс“ (United International Pictures – UIP), кое во Европа работи со компанијата „Универзал пикчерс“ (Universal Pictures).

Покрај тоа, „Парамаунт“ се обврза дека во следните 10 години нема да склопува нови договорот за дистрибуција на филмови со „Универзал“ во Европа, ниту пак дистрибуцијата на кина-филмовите на компанијата „Ворнер брос“ ќе ја префрли на сопствената дистрибутерска мрежа.

Европската комисија оцени дека овие мерки ќе ја зачуваат конкуренцијата на пазарот за кино-дистрибуција на филмови во Европскиот економски простор.

Иако компанијата доби зелено светло во Европската Унија, трансакцијата и понатаму се соочува со сериозни пречки во Соединетите Американски Држави, пренесува „Б92“.

Американскиот федерален суд привремено ја запре реализацијата на преземањето по тужбата на коалицијата на сојузни држави, предводена од Калифорнија, кои тврдат дека спојувањето би ја нарушило конкуренцијата на пазарот за медиуми и забавна индустрија.

Иако Министерството за правда на САД претходно ја одобри трансакцијата, судската постапка би можела значително да го одложи нејзиното завршување.

Според наводите на „Ројтерс“, доколку зделката не биде заклучена до 30 септември, „Парамаунт скајденс“ би можел да плаќа договорена надомест за доцнење од околу седум милиони долари дневно (околу шест милиони евра дневно).

Против трансакцијата поднесе тужба и Американското здружение на филмски и телевизиски сценаристи (Writers Guild of America), предупредувајќи дека спојувањето би можело негативно да влијае врз работните места и конкуренцијата во индустријата за забава.